ВИДЕО: Скопје ќе добие компостара за производство на природно ѓубриво од биолошки отпад

Наталија Бургиева

Во Скопје годишно се создаваат околу 40 тони биолошки отпад кој завршува на „Дрисла“, а истиот пак испушта метан и ЦО2 во атмосферата. Тоа се стакленички гасови кои директно влијаат на климатската криза. Од друга страна почвеното дно во „Дрисла“ не е одделено од почвата, поради што депонискиот исцедок се слева во подземните води и ја загадува околината.

Наталија Бургиева пронашла иновативно решение како да се справиме со огромната количина на биолошки отпад. Таа го формирала социјалното претпријатие „Мама органа“ кое од био-отпад кој го собира од Кванташкиот пазар и маалските пиљари, произведува природно ѓубриво за здрава органска храна.

– Во Скопје се уште не е контролирано собирањето на биолошкиот отпад. Ние отпадот го собираме од најголемиот пазар, Кванташки, но соработуваме и со пиљари кои ни ги даваат скапаните производи за да ги компостираме. Биолошкиот отпад го мешаме со сув материјал и го ставаме во процес на компостирање. Во моментов работиме во мал размер, но во следниот период очекуваме во Скопје да пристигне голема компостара која ќе има капацитет да третира три тони био отпад на ден. Со тоа се надевам дека ќе придонесеме барем малку во решавањето на проблемот со прекумерната количина на отпад од храна, објаснува Бургиева, која е член и на Зелен хуман град.

Во социјалното претпријатие Мама органа работат четири самохрани мајки.

– Како социјално претпријатие креираме и работни места за социјално ранливи категории. Во моментов во претпријатието работат четири самохрани мајки, но со имплементацијата на компостарата ќе се зголеми бројот на вработени. Меѓутоа импактот не е само на социјалните вработувања. Био отпадот кој се создава во огромни количини, доколку не се третира на овој начин испушта метан и ЦО2 во атмосферата. Тоа се стакленички гасови кои директно влијаат на климатската криза, објаснува Наталија.

Социјалниот бизнис модел на Мама Органа е решение на личните предизвици, со кои Наталија се соочувала.

– Имав идеја и ми требаше поддршка која ја добив при учеството на натпреварот за зелени идеи во организација на Арно. Прво аплицирав на натпреварот „Зелени идеи“ што го организираше „Арно“. Идејата победи на национално ниво и ја добив поддршката што ми требаше од луѓе што ја познаваат оваа тема и кои ми потврдија дека сум на вистинскиот пат. Така, продолжив да ја реализирам идејата за „Мама Органа“ , дополнува Бургиева.

Првата компостара се очекува да пристигне во април и истата ќе има капацитет да третира три тони отпад дневно.

– Досега со колички го собиравме био-отпадот што го оставаа пазарџиите и го компостиравме во мануелни компостари. Сега оваа нова компостара ќе биде автоматска и за само 6 часа ќе го претвора био-отпадот во ѓубриво. Засега се уште не знаеме каде ќе биде поставена првата компостара која ја очекуваме да пристигне во април, и која ни беше одобрена како  пилот проект, но ние како Зелен Хуман град бараме во секоја скопска општина да биде поставена по една компостара. Таква иницијатива поднесовме до Советот на Град Скопје, на седницата за креирање на Буџетот за 2022 година. Компостарите кои се направени по најнови иновативни технологии, не произведуваат никакви мириси за време на процесот на компостирање. Поставувањето на компостара во една општина би креирала урбани градини или посилни месни заедници. Урбаното компостирање, може да го намали количеството на комунален отпад за половина, да ги намали стакленичките гасови во атмосферата, но и да поттикне развој на урбани градини и соседски заедници, вели Наталија.

Поради желбата да бидат иновативни, во соработка со експерти во земјоделството креирале супстрат за одделни категории билки кои се покажал како многу баран на пазарот.

Проследете го целиот разговор во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот