
ВИДЕО | Сите мислеа дека нема никогаш да ја чуеме: Необјавена песна на Тина Тарнер го здогледа светлото на денот
Песната „Hot for You, Baby“ од Тина Тарнер, која била наменета за нејзиниот петти соло албум „Private Dancer“, конечно го здогледа светлото на денот. „Hot for You, Baby“ беше претставена во емисијата на Би-би-си Радио 2 со Марк Гудиер, како дел од изданието „Private Dancer“ по повод 40-годишнината од објавувањето на албумот.
Препорачано
Како што е познато, албумот „Private Dancer“ беше објавен во мај 1984 година и ѝ ја врати славата на Тарнер, откако во седумдесеттите години побегна од насилниот брак со музичарот Ајк Тарнер.
Во тој период, таа остана без пари и живееше од ваучери за храна. Имаше ангажман во кабаре, од каде што ги отплаќаше своите долгови. Откако „Ролинг стоунс“ ја повикаа на нивната американска турнеја и по поканата од Род Стјуарт да настапи со него во „Saturday Night Live“, сфати дека сè уште има обожаватели во Велика Британија.
Долго време се веруваше дека изгубената песна „Hot for You, Baby“ била снимена во Capitol Studio во Холивуд, но дека била изоставена од петтиот албум на пејачката за да се направи место за хитовите како „What’s Love Got to Do with It“ и „Better Be Good to Me“.
„Private Dancer“ се искачи на првото место во САД и ѝ донесе на Тарнер четири Греми награди.
„Hot for You, Baby“ е дело на музичарите Џорџ Јанг и Хари Ванда, а продукцијата ја потпишува Џон Картер, кој, и покрај сомнежите на издавачката куќа, потпиша договор со Тарнер за Capitol.
Специјалното издание на овој албум ќе биде објавено на 21 март и ќе вклучува досега необјавени песни, изведби во живо и снимки. Ќе биде достапно на це-де, винил и блу-реј.
„Да се слушне нешто ново од Тина Тарнер е вистинско уживање за фановите од сите генерации и потсетник за нејзиниот единствен талент. Имав среќа да ја интервјуирам Тина и да ја видам како настапува во живо. Таа беше неверојатно добра изведувачка и истовремено извонредно грациозна дама, чие секое нота беше обликувано од нејзиниот неверојатен живот“, изјави Гудиер.
Инаку, Тарнер почина на 83-годишна возраст од природна смрт во нејзиниот дом во Куснахт, во близина на Цирих, Швајцарија, во 2023 година. Во една од своите последни изјави за медиумите, таа откри како би сакала да биде запаметена и што ја плаши во врска со стареењето. „Како кралица на рокенролот. Како жена која им покажа на другите жени дека е во ред да се стремат кон успех под нивни сопствени услови“, рече таа и се осврна на стареењето:
„Ништо. Ова е животна авантура, и јас го прифаќам секој ден со сè што тој носи“, порача таа.