ВИДЕО | Си до Путин при неговото заминување: Доаѓа промена каква што не сме виделе 100 години

Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин беа снимени како топло се збогуваат на крајот од дводневната средба во Москва, која заврши вчера. Кинескиот лидер при заминувањето му рекол на Путин дека „во светот се во тек геополитички промени“.
Двајцата лидери повикаа на „одговорен дијалог“ за решавање на украинската криза, при што Си призна дека Пекинг и Москва потпишале договор што ги доведува нивните врски во „нова ера“ на соработка.
„Во моментов доаѓа промена каква што не сме виделе 100 години – и ние сме тие што ги поттикнуваме овие промени заедно“, му рече Си на Путин додека стоеше пред портите на Кремљ. Рускиот претседател одговори: „Се согласувам“.
"Right now there are changes, the likes of which we haven't seen for 100 years," Mr. Xi told Mr. Putin through an interpreter after the state dinner as the leaders bid farewell. "And we are the ones driving these changes together.” pic.twitter.com/0Q9cGfWLKl
— Valerie Hopkins (@VALERIEinNYT) March 21, 2023
Си потоа ја подаде раката за да се ракува со Путин и му рече: „Чувај се, те молам, драг пријателе“. Путин одговори само со: „Среќен пат“.
Во отсуство на напредок во однос на Украина, самитот првенствено имаше за цел да ја покаже силата на односите меѓу Русија и Кина, во контекст на зголемените тензии меѓу овие земји и Западот, наведува агенцијата „Франс прес“.
Во заедничката изјава со призвук од Студената војна, двајцата лидери го нападнаа Западот, обвинувајќи ги Соединетите Држави за „поткопување“ на меѓународната безбедност за да ја задржат својата „воена предност“ и изразија „загриженост“ за зголеменото присуство на НАТО во Азија.
Патувањето на Си во Москва беше важна поддршка на шефот на руската држава, кој од минатата недела беше цел на налог за апсење од Меѓународниот кривичен суд (МКС). Посетата на кинескиот претседател на Русија, исто така, доаѓа во време кога Москва во голема мера ја преориентира својата економија кон Кина во услови на западни санкции.