ВИДЕО: Шпанија фуриозна во Севиља, во осминафиналето против Хрватска!
Завршија натпреварите од третото коло и во групата „Е“ на Европското првенство, Шпанија ја декласираше Словачка со 5:0, а Шведска во драматичен финиш беше подобра од Полска со 3:2.
„Црвената фурија“ ја оправда фаворитската улога против Словаците, а триумфот можеше да биде уште поголем доколку Мората го реализираше пеналот во 12 минута.
Словачкиот голман Дубравка го одбрани пеналот, но потоа се посрамоти во 30 минута кога си постигна автогол. Непосредно пред паузата позитивата за Шпанците ја зголеми Лапорт (45+3`).
Во вториот дел Сарабиа во 56 минута се запиша во листата на стрелците, потоа истиот играч беше асистент на четвриот погодок во 67 минута, стрелец беше Торес, а Словачка си постигна уште еден автогол во 71 минута, овојпат трагичар беше Кучка.
Шведска поведе уште во втората минута благодарение на Форсберг кој го постигна вториот најбрз гол во историјата на еврошампионатите.
Истиот играч ја зголеми предноста во 59 минута после асистенцијата на Кулушевски, надежите на Полска ги врати нејзината прва ѕвезда Левандовски во 61 и 84 минута за израмнување.
Конечниот епилог беше поставен во судиското надополнување (90+4), Кулушевски уште еднаш асистираше, а овојпат стрелец беше Клаесон.
Во осминафиналето Шпанија за противник ќе ја има второпласираната од групата „Д“, селекцијата на Хрватска на 28 јуни во Копенхаген.
Формирана е уште една осминафинална двојка, Холандија која беше наш противник во групата „Ц“ ќе се соочи против Чешка на 27 јуни во Будимпешта. Од претходно е познато дека Италија ќе игра со Австрија, а Велс против Данска.
Евро 2020
Група „Е“
3. коло, резултати –
Словачка – Шпанија 0:5
Шведска – Полска 3:2
Конечна табела:
1.Шведска 4:2 7 бодови
2.Шпанија 6:1 5
3.Словачка 2:7 3
4.Полска 4:6 1