ВИДЕО: Шилегов и Георгиевски ја напуштија дебатата на МРТВ, снимањето траело предолго
Со образложение дека снимањето трае предолго и се поклопува со претходно преземени обврски и планови, кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов, ја напушти дебатата која се снимала попладнето во МРТВ, а се емитува вечерва.
На потегот на Шилегов, кој веднаш по него го следеше и кандидатот поддржан од Левица, Петар Георгиевски-Камиказа, реагираа дел од останатите кандидати, а се слушна и дека тоа е „бегање од дебата“.
„Снимањето беше со почеток во 11 часот и траеше подолго од договореното, повеќе од два часа, каде јас се извинив на присутните бидејќи морав да се вратам на обврските како актуелен градоначалник, за разлика од останатите кандидати коишто ја немаат таа обврска во тек на работното време. Ниту еднаш до сега, дали тоа било во изминатите четири години или за време на кампањата, не сум одбил да учествувам во ниедна дебата. Дебатите за мене се демократски чин и претставуваат најдобро презентирање на идеите, проектите и визијата за Скопје,“ објасни Шилегов.
„Ако тој си отиде, си одам и јас“, рече Георгиевски, кој додаде дека снимањето било закажано за од 11 до 14 часот денеска, па секој требало да го почитува тој термин и да си ги прилагоди обврските. Кратко потоа, дебатата ја напушти и кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, но таа, како и Георгиевски, по извесно време се врати во студиото.
Со Шилегов, кој пред заминувањето сакаше да даде завршни зборови, се конфронтираше и кандидадот на „Твоја партија“, Александар Тортевски.
„Вие не сте газда на оваа емисија. Ако имате потреба да одите, одете. Јас знам зошто останав. Имам голема обврска поради група граѓани. Сакате да држите завршен збор заради тоа што имате потреба да си одите“, рече Тортески.