ВИДЕО | Шаќири: Дигитализацијата не води кон отпушање во јавната администрација, а ќе ја спречи и корупцијата

Јетон Шаќири, министер за информатичко општесвтво и администрација/ Фото: Слободен печат

Дигитализацијата на услугите во јавниот сектор и целокупната дигитална трансформација на државните служби која се спроведува неколку години наназад нема да води кон отпуштања на масивната јавна администрација, вели за „Слободен печат“ министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.

Преминувањето на голем број услуги кои граѓаните претходно ги добиваа преку шалтерите од службите во министерствата и Агенциите во електронски формат, нема да го намали бројот административците кои ги извршуваат тие задачи, зошто, смета министерот, има граѓани кои и натаму повеќе ќе и веруваат на хартиената форма и услугите ќе ги бараат преку шалтерските служби, слично како што е со банките, кои одамна воведоа електронско банкарство.

За целосно дигитални процеси и нам ни е потребно време, но исто така и на јавната администрација и е потребно време за да се прилагоди на овие целосно дигитални процеси. Дигитализацијата ќе го олеснува процесот на контакт меѓу граѓанинот и јавната администрација. Јавната администрација во оваа фаза, административните службеници кои работат во институциите треба да се подготвени заради тоа што истовремено ќе имаме потреба и за граѓани кои нема да користат целосно дигитални услуги, вели министерот Шаќири кој додава дека за јавната администрација најважно е да биде ефикасна.

-Тие што не се ефикасни во јавната администрација секојдневно нека размислат дека работното време е работно време, или од 8 до 16 или од 7.30 до 15.30 часот. Но тоа е работно време и колку го користиме во другата насока ќе имаме повеќе задоволни граѓани. Ако сме сега во јавната администрација утре можеме да бидеме во спротивната насока. Ако сега работиме повеќе за да имаме повеќе задоволни граѓани, друг пат кога ние ќе бидеме обични граѓани за бидеме позадоволни за таа добиена услуга, смета министерот за информатичко општество и администрација.

Во неговиот ресор при крај е усогласување на Законите за административни службеници и вработени во јавниот сектор и наскоро ќе бидат објавени новите законски решенија.

Шаќири очекува администрацијата да се намалува по природен пат, а со новата реорганизација на јавната администрација точно ќе се види кои институции ќе останат, а кои ќе се поделат или слеат во една според потребите.

-Не можеме да го одредиме временскиот период кога целосно ќе бидеме дигитални, но дотогаш имаме простор  и за намалување со природен начин, со пензионирање како и со новиот закон со кој не може да има продолжување на работата по стекнатите години на старост.  Можеби ќе има во некоја институцијата простор во некои области или сектори, но во поголем дел од јавната администрација ќе има само природно намалување. Еве јас како министер се борам за дигитализацијата, а од неа придобивки ќе имаат сите што се вработени во јавната администрација.

Запрашан дали дигитализација ќе ја искорени корупцијата која владее во јавниот сектор меѓу административците за вршење на некои услуги, министерот е дециден и се заложува за нулта толеранција на корупцијата:

-Дигализацијата во сите земји е показател дека овие феномени тогаш немаат пристап зошто процесите ќе бидат целосно дигитални. Коруптивните дела треба да се пријавуваат во институциите, смета Шаќири.

Голем дел од услугите кои им се потребни на граѓаните веќе се достапни електронски преку порталот „е-услуги“, а се работи и на нови 132 нови дигитални услуги до 2022 година од постоечкиот ИПА проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот