ВИДЕО: Се уште не се знае дали медицинските работници ќе добијат ваучери за туризам

Фото: Фејсбук

Министерството за економија објави јавен повик за пријавување на интерес од страна на угостителските објекти за сместување за прием на гости кои ќе добијат потврда за одмор на работници со ниски приходи во вредност од 12.000 денари.

Раководителот на сектор за туризам Беким Хаџиу денеска во Утрински брифинг рече дека угостителските објекти за сместување (хотели) и туристички агенции со лиценца А до Министерството за економија треба да достават пополнет образец за барање за пријавување на интерес (готов формулар). Тоа се прави со цел ние да имаме предвид во работата на хотелите за да нема покачување на цени на понудата и измена на тоа што ќе им го понудат на гостите. Повикот се однесува на хотелите кои се наоѓаат во туристичките центри во земјава, на пример хотелите кои се наоѓаат во Скопје не можат да аплицираат на повикот.

– Овој проект се спроведува веќе четврта година, резултатите се евидентни, на сопствениците и менаџерите на објекти веќе им се познати условите за апликација. Согласно програмата за поддршка на домашниот туризам, предвидени се 15 милиони денари. За разлика од претходните години, износот на ваучерот е 12.000 денари, што е двојно повеќе. Зголемувањето на износот кој ќе го добијат граѓаните е со цел да им се овозможи достојно да ги поминат деновите од одморот. Ваучер за користење на одмор ќе добијат сите лица со ниски приходи кои што ќе аплицираат на јавниот повик, чии месечни примања во семејството не надминуваат нето износ од 30.000 денари. Повикот за пријавување на граѓаните со ниски примање ќе започне веднаш штом ќе заврши повикот за угостителски објекти. Пријавувањето може да биде онлајн преку платформата „Дома си е дома“ или директно во архивата на Министерството, објаснува Хаџиу.

Граѓаните кои ќе сакаат да се пријават на повикот ќе треба да достават потврда од Банка, документ за брачна состојба и потврда за евентуална невработеност.

Минатата година ваучери за туризам добија и медицинските работници, оваа година се уште не е познато дали здравствените работници ќе можат да користат бесплатен одмор.

-Претходната година тоа беше реализано со одлука на Владата. Доколку владата обезбеди буџет и објави таков повик, ние ќе го реализираме. Има барање, но немаме ништо конкретно во врска со тоа, изјави Хаџиу.

Видео на денот