ВИДЕО: Се „тресе“ клупата на Куман, Манчестер јунајтед го слави Роналдо

Роналд Куман повторно ќе биде под силен притисок после новиот висок пораз во ЛШ/Лисабон, Португалија/29 септември 2021/Фото: EPA-EFE/MANUEL DE ALMEIDA

Нови возбудувања вечерва во фудбалската Лига на шампионите, продолжуваат лошите резултати на Барселона предводена од холандскиот тренер Роналд Куман кој дефинитивно ќе наиде уште поголем притисок и можно е дури во следниот период да добие отказ, но засега се останува на шпекулации.

Каталонците повторно ги разочараа своите навивачи, овојпат со убедлив пораз во Португалија од Бенфика со 3:0 во рамките од второто коло во групата „Е“.

Бенфика уште во третата минута стрелаше за водство преку Нунез, Силва ја зголеми предноста во 69 минута, а Нунез со вториот погодок, реализиран од пенал, го постави конечниот епилог. Новата лоша вечер на Барса беше комплетирана со црвениот картон на Гарсија во самиот финиш од средбата во Лисабон.

Во групата „Ф“ Манчестер јунајтед стигна до првиот триумф, на домашен терен со 2:1 го совлада Виљареал, шампионот на Лига Европа од минатата сезона.

Шпанците водеа со 0:1 благодарение на погодокот на Алкасер во 53 минута, израмни Телес после еден час игра, а херој на „црвените ѓаволи“ беше Кристијано Роналдо кој во 95 минута им донесе голема радост на навивачите на „Олд Трафорд“.

Јувентус дојде до нови три бодови откако со 1:0 во Торино го победи актуелниот европски шампион Челси. Стрелец на единствениот гол за „Старата дама“ беше Киезе во 46 минута после асистенцијата на Бернардески.

Најубедлив беше Баерн Минхен кој со 5:0 го надигра Динамо Киев,  за баварската екипа двапати во листата на стрелците се запиша Левандовски, а по еднаш Гнабри, Сане и Чупо-Мотинг.

Лига на шампиони 2021/2022

2. коло, резултати –

Група „Е“

Баерн Минхен – Динамо Киев 5:0
Бенфика – Барселона 3:0

Табела: Баерн Минхен 6 бодови, Бенфика 4, Динамо Киев 1, Барселона 0.

Група „Ф“

Аталанта – Јанг Бојс 1:0
Манчестер јунајтед – Виљареал 2:1

Табела: Аталанта 4 бодови, Јанг Бојс 3, Манчестер јунајтед 3, Виљареал 1.

Група „Г“

Салцбург – Лил 2:1
Волфсбург – Севиља 1:1

Табела: Салцбург 4 бодови, Севиља 2, Волфсбург 2, Лил 1.

Група „Х“

Зенит – Малме 4:0
Јувентус – Челси 1:0

Табела: Јувентус 6 бодови, Челси 3, Зенит 3, Малме 0.

Неверојатна статистика на Меси против клубовите од Премиер лигата

ВИДЕО: Зенит броеше до четири против Малме и новиот македонски репрезентативец Ракип

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот