ВИДЕО: Сè повеќе новинарки се мета на напади

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) објавија повик за изработка на фото стории насловен „Сликни го твојот глас“. Како што вели Дарко Дуридански од ССНМ, овој конкурс е истовремено и повик за зголемување на свеста на безбедноста на медиумските работнички. 

– Главна цел е да се стави акцент на нападите со кои секојдневно се соочуваат новинарките и останатите медиумски работнички. Нападите најчесто се случуваат на социјалните мрежи, каде се прави и родово базирана дискриминација, но има пријави и за физички напади. На конкурсот може да се пријави секој кој има некаква идеја како преку една фотографија или друг визуелен израз да сподели немил настан или инцидент од лично искуство или искуство на свој близок, а со тоа да испрати порака која ќе има за цел да ја зголеми емпатијата кон новинарската професија. Во последните три години регистрирани се 23 напади врз медиумски работници од кои 15 се врз жени новинарки, вели Дуридански.

Бројот на нападите е многу поголем од тој што се пријавува.

– Новинарките како да се научија да живеат со онлајн нападите. Тие станаа толку честа појава што дури се перцепираат како дел од професијата, и ретко се пријавуваат, а не смее да биде така. Ние уште од 2017 година бараме да се промени Кривичниот закон. Минатата година тоа беше прифатено, Владата го предложи до Собранието, но за жал промените кои ќе значат дека напад врз новинар ќе значи напад врз службено лице, се заглавени во Собранието од Јуни минатата година, вели Дуридански.

Според него проблемот со честите закани и напади може да се искорени само со промена во образовниот процес.

– Уште од најмала воздраст треба да се посвети внимание на медиумската писменост и толеранцијата и надминување на стереотипите, нагласува Дуридански.

Рокот за поднесување на фото-сториите е до 15 февруари годинава и заинтересираните кандидати своите апликации можат да ги испратат преку електронската пошта на [email protected] со назнака во насловот – За повик „Сликни го твојот глас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот