ВИДЕО: Се подготвува претстава за ослободувањето на Скопје – премиерата е на 13 Ноември

Македонскиот кореограф со интернационална кариера Игор Киров, ја подготвува претставата „Станица Скопје“ во чест на одбележувањето на Ослободувањето на Скопје. Претставата премиерно ќе биде прикажана на 13 Ноември, Денот на ослободувањето. Режијата е на Драгана Милошевска, а костимите се на Александар Ношпал.

– Заедно работиме на оваа претстава, бидејќи сакаме во форма на танц да го претставиме ослободувањето на градот. Исто така во претставата го прикажуваме животот во Скопје пред војната, за време на војната и по ослободувањето. Станува збор за историска и љубовна претстава. Интересно е што за првпат на ваков начин се прославува ослободувањето на Скопје, рече денеска во Утрински брифинг Игор Киров.

Оваа претстава е дел од едно поголемо, целокупно одбележување на Скопје, во рамки на кое спаѓа и доделувањето на традиционалните 13- Ноемвриски награди.

Инаку кореографот Игор Киров неодамна ја доби наградата Војдан Чернодрински за претставата „Едип коментари“, претстава во која актерите освен што глумат, исто така и интензивно танцуваат.

Тој вели дека македонската танцова сцена со години стои во место, без да покаже континуитет во развојот.

– Во Македонија не постои самостојна танцова сцена за разлика од другите држави во регионот кои можат да се пофалат со  овој сегмент од културата. МОБ, која што е водечка институција во нашава држава не прави доволно за да ги поттикне помалите институции на публиката да и пренесат што е тоа класика,  модерен танц… Доколку на публиката и се овозможи да ужива во нешто ново, таа со задоволство тоа го прифаќа, ова го знам од лично искуство, кога како директор на театарот во Сплит гостувавме во Штип, Битола, Охрид. Со претставата „Сви марш на плес“ гостувавме на Охридско и на Скопско лето, а картите беа за многу брзо време распродадени, што е показател дека македонската публика сака да ужива во уметност, вели Киров.

Видео на денот