ВИДЕО | Се отвори базенот „Борис Трајковски“: Директорот ја напушта функцијата и апелира да се изградат повеќе базени

Александар Петровски- директор на СЦ „Борис Трајковски“

По десетдневниот прекин на работата поради дефект, утринава во седум часот базенот „Борис Трајковски“ ги отвори вратите за пливачите.

Се отвори базенот Борис Трајковски, кој поради дефект беше затворен десет дена

– Дефектот е саниран, изминативе денови успеавме да ја загрееме водата до тоа потребно ниво за употреба на рекреативните и професионалните пливачи, така што се е вратено во нормала. Дефектот се случи во лош момент кога се затвори базенот во Куманово и големото корито на Олимписки базен, па најголем дел од критиките беа упатени на наша адреса, иако ние сме им поддршка и опслужуваме многу клубови. Морам да нагласам дека станува збор за нормален технички дефект, а многу луѓе тоа го искористија за себепромоција, рече во Утрински брифинг директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Александар Петровски.

Во однос на обвинувањата зошто толку се чекало за резервниот дел, тој вели дека невозможно е да се има резервни делови за секој дел од комплексот.

– Ние не можеме да чуваме 15.000 резервни делови за цел комплекс. Спортскиот центар функционира веќе тринаесет години, а со тоа се амортизира, деловите се потрошна роба и нормално е дека некогаш ќе се расипат. Со поправката на дефектот и денешното отворање на базенот конечно ќе се уверат сите дека не се работеше за намерно затворање на базенот поради заштеда на електрична енергија, како што се зборуваше во јавноста, туку поради реален дефект. Со затворањето на еден базен во Скопје, дојде до израз проблемот со недостаток на базени. Јас како спортски работник би сакал да имаше уште десет базени во Скопје. Сметам дека сите треба да се залагаме за изградба на базени, не само во Скопје туку и во другите градови, вели Петровски.

Базенот се уште работи со намален капацитет како последица на протоколите кои се уште важат. Предност во добивање на термини имаат пливачките клубови, а репрезентативците и лицата со посебни потреби базенот го користат бесплатно.

Директорот на СЦ „Борис Трајковски“ најави повлекување од функцијата.

– Мојот мандат завршува следната недела и јас нема да барам продолжување на мандатот. Се надевам дека тој што ќе дојде на мое место ќе го сака спортскиот центар и ќе се грижи за него, како јас што се грижев во измиантиве 4 ипол години, рече Петровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот