ВИДЕО | Саздов: Саемот на книга се отвора вечерва, а фокусот е на младите – со читање се станува подобар човек

Бојан Саздов, претседател на Здружението на издавачи и главен уредник на издавачкиот центар ТРИ
Бојан Саздов, претседател на Здружението на издавачи и главен уредник на издавачкиот центар ТРИ / Утрински брифинг

Денеска се отвора Саемот на книгата, неговото 34. издание, а возбудата годинава е поголема оти по две пандемиски години кога издавачите требаше да излагаат на отворено сега повторно се враќаат во салата „Борис Трајковски“.

– Среќни сме што саемот се враќа на затворено. Освен по изложените дела на издавачите, Саемот е познат и по другите настани, средби со автори и слично за што е потребен затворен простор. Годинава има околу 60 издавачи кои изложуваат, тоа се домашни издавачи, а традиционално има  и неколку српски издавачи и турскиот културен центар. Годинава нема да има маски, па посетителите ќе можат непречено да уживаат, вели за Утрински брифинг Бојан Саздов, претседател на Здружението на издавачи и главен уредник на издавачкиот центар ТРИ.

Саздов додава дека сите се радуваат што работите повторно се враќаат на старо, а на саемот ќе се вратат и ученичките посети, оти важно е младите од најмала возраст да имаат средба со книгата, но и да видат и да доживеат некој настан.

– Односот кон книгата треба да се гради од најмала возраст. На саемот на книга младите ќе можат да се дружат и да имаат итеракција со авторите, а токму младите се во фокусот на ова издание на саемот. Апелот е да се чита оти така стануваме подобри луѓе, вели Саздов.

Саздов вели дека сите што доаѓаат на саемот очекуваат дека книгите ќе бидат на попуст. ТРИ ќе изложи книги со попуст од 30 до 70 отсто, најавува тој и додава дека тоа е за доброто на читателите, да не бидат разочарани. Влезницата за саемот е 60 денари, а за помладата публика и групни посети цената на влезницата е 40 денари.

На саемот ќе има промоции на 30 книги. Во најголем дел авторите ќе бидат присутни на промоциите, а станува збор за домашни автори. Колку е ваен саемот за читателите, толку е важен и за писателите оти тоа е начинот да се сретнат со публиката, вели Саздов и додава дека многу книги чекаа на промоција.

– Од издавачкиот центар ТРИ имаме нови домашни книги, како книгата на Илина Арсова, потоа на Коста Петров, новата книга на Бомбакис, како и на Ана Јовковска. Буквално секој саемски ден ќе има неколку часа посветени на авторите кои ќе бидат таму на неформална друба со читателите, вели Саздов.

Кај нас има голем простор за развој на самиот саем кој не само што ќе ги обедини издавачите туку и ќе го промовира културниот аспект и ќе понуди интерактивно искуство, вели Саздов и додава дека сегашниот простор во спортска сала не е сосема адекватен. Тој вели дека секоја година настојуваат промотивниот центар да биде во средината, да биде во центарот и да се случува нешто интересно што не може да се пропушти.

– Нашата улога како асоцијација е издавачите да придонесат годинава со содржини за младите оти знаеме дека таа приказна треба да се развива. Потребен ни е простор. Порано го имавме Скопскиот саем кој беше многу посоодветен. Ние сакаме градт или државата да ни понуди простор каде што ќе можеме да се претставиме, вели Саздов за Утрински брифинг.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот