ВИДЕО | Сара Климоска: Нема формула за успешна улога, но она што е неминовно е многу работа и посветеност

Македонската актерка Сара Климоска е избрана меѓу 10-те најдобри актерски таленти во Европа за годинава на 71. Берлинале и ќе ја добие наградата „Шутинг старс“ (Shooting Stars), што ја доделува организацијата Европска филмска промоција (ЕФП).

ЕФП ги објави имињата на 10- те актери кои за првпат во 24-годишното доделување на оваа награда, ќе бидат претставени во тридневна онлајн програма пред филмската индустрија, публиката и меѓународните медиуми. Нивното претставување ќе се од 23 до 25 февруари.

„Оваа година критериумите беа малку поразлични, аплицираа актери кои имаат улоги во филмови премиерно прикажани по март 2020 или ќе имаат премиера во 2021 година. Секоја година македонската Агенција за филм номинира по еден актер и потоа се одвива селекцијата при што Берлинсиот филмски фестивал, односно платформата Европска филмска промоција одбира само 10 актери од цела Европа да бидат дел од програмата „Шутинг старс“.

Секогаш имам различен пристап за улогите што ги имам, така што нема некоја посебна формула за успешна улога, сепак ова е уметност и секогаш треба да бараме некој различен начин како да пристапиме кон уметничкото дело, меѓутоа она што е неминовно е работата, посветеност, истражување и целосно фокусирање на тоа што се работи бидејќи и не постои друг начин. Во последно време честопати играм улоги на млади девојки, кои се прекрасни и предизвикувачки улоги, но во иднина би сакала да се видам во некоја улога која е поблиску до мојата возраст“, вели Сара Климоска за Утрински брифинг.

Агенцијата за филм ја номинираше Климоска за улогата во филмот „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, каде ја игра 16-годишната Лена, која никогаш се нема вљубено претходно, покрај средовечниот Владимир (Тони Науновски), кој пак има загубено сè што љубел претходно. Изминатата година, покрај промовирањето на последниот филм на Милчо Манчевски „Врба“, во која игра една од главните улоги, Климоска имаше улоги во дебитантскиот игран филм на Елеонора Венинова и на Горан Столевски, кој се снимаше во Србија во австралиска продукција. Таа игра и во претставата „Мојот маж“ во Драмскиот театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот