ВИДЕО | Ризаов: Опозицијата избрза оти имаа сериозни информации дека ќе започнат преговорите со ЕУ
Својата оценка за она што се случи и за важноста на сето она пред и по изборите за иднината на земјата, што е темата на денешниот Утрински брифинг, ја даде Ерол Ризаов, еден од бардовите на македонското новинарство.
-Жално и тешко е сѐ она што се случува пред и по локалните избори. По големата победа на опозицијата по демократски пат можеа да се одвиваат работите. Но, одејќи по бранот на таа победа се направија погрешни постапки. Пазарењето со пратеници почна и се завлезе во амбиент на парламентарни избори, вели за Утрински брифинг Ерол Ризаов.
Тој додава дека самата оставка на премиерот дадена во емотивен момент ја разгоре желбата на опозицијата Од вчера времето не работи за опозицијата која требаше да остане да инсистира на оставката на премиерот.
-Таа коалиција на опозицијата е непринципиелна коалиција. Нема државен интерес. Како ќе падне власта ако има партии со ригидни ставови во меѓуетничите односи и спротивставени ставови за евроатлантските интеграции?, вели Ризаов.
-Тие избрзаа оти имаа сериозни информации дека ќе почнат преговорите со ЕУ. И брзаа да го искористат бранот на резултатите од локалните избори, додава тој.
Кога е во прашање ЕУ никогаш не може да се тврди дека нешто ќе се случи. Не е случајно што високи европски и американски претставници сега се низ Балканот.
-Европа не се секира за нас, се секира за себе. Ако овде настане дестабилизација, тие ќе имаат проблем. Нормално е и да имаат притисок од сопствената јавност на која ѝ преку глава од проширувањето, па треба време и начин да се објасни дека Западен Балкан е дел од Европа, вели Ризаов.
Ризаов смета дека е апсолутно сигурно дека нема победник по вчерашниот ден оти луѓето во ова гледаат дестабилизација. Тој смета дека понатаму ќе има големи тешкотии и за владата и за опозицијата, оти сѐ што се случува е на штета на сите граѓани.
-Во кризни ситуации се прават заеднички влади, како во 2001 година. Но тоа се прави во исклучителни моменти. Но, тоа значи меѓусебен говор на омраза и на крајот сѐ ќе заврши со нови избори. Прашањето е кога на Македонија ѝ одговара да оди на нови избори. Прво мислам дека треба да се смири тензијата. Пред нас е тешка зима со многубројни кризи и не е добра ситуацијата, затоа треба да се постигне консензус меѓу политичките партии, ама тоа е лесно да се каже, вели Ризаов.