ВИДЕОРЕПОРТАЖА | Тирана со модерни градби ги покрива „спомениците“ на тиранијата
Албанија, заедно со Македонија, се избори за статусот земја кандидат за членство во Европската Унија, но патиштата неодамна им се разделија и соседната земја го продолжува евроинтегративниот процес со отворањето на преговарачкиот процес со Брисел, додека од Македонија прво се очекува да ги донесе уставни измени.
Точно во 18 часот бие камбаната од грандиозната православна црква Христово воскресение и ги повикува православните верници на литургија. Во Албанија православната заедница е трета по големина. Во 18:30 часот оџата од Етем-беј џамијата, лоцирана на плоштадот Скендербег во Тирана ги повикува муслиманските верници на вечерна молитва. Половина од населението во Албанија се муслимани, припадници на сунитски ислам, но има и голема бектешка и дервишка заедница.
Некаде низ уличките што водат до строгиот центар на Тирана е сместена и импозантната католичка црква „Свети Павле“, во чиј двор е поставен и споменик на Мајка Тереза, затоа што Албанците се горди на својата сонародничка и на нејзината света хуманитарна мисија од Скопје до Калкута поради што пред десетина година Светата столица ја прогласи за светица.
Албанија одлучи дека мора да патува за Европа по секоја цена. Со најскапите билети, без седиште, во валканото и задушливо купе и со горчливо разочарување дека силно дува од прозорецот. И покрај сите ризици го фати токму овој воз за Брисел, оставајќи ја Македонија на перонот да го чека следниот сличен таков воз, затоа што европските возови на ултрамодерната европска железница изгледа не одговараат за нашиот колосек.
Во главниот град на Албанија живее повеќе од 30 отсто од албанското население. Верските права и слободи се практикуваат во последниве 30 години по падот на режимот на диктаторот Енвер Хоџа и Партијата на трудот. Тие беа строго забранети и казнувани 45 години, сè до падот на сталинистичко-комунистичкиот режим во 1992 година.
Бункерите на Енвер Хоџа стануваат музеи
Денес над секој објект во Тирана, па и над верските, се надвиснуваат кранови. Забрзано се гради, се уредува и се менува секојдневно. Остатоците од диктатурата и четиридецениската изолација сега се атракција што ги плени многубројните туристи во Тирана. Карактеристичните бункери сега се претворени во модерни музеи, во кои им се оддава почит на илјадниците жртви од режимот на Енвер Хоџа. Некогашниот Забранет град, во кој биле сместени резиденциите на блиските соработници на Хоџа и полицајците што вршеле терор врз граѓаните, иронично, сега е кварт со бучни, прекрасно уредени локали, во кои се забавуваат младите и туристите.
Албанија, заедно со Македонија, се избори за статусот земја кандидат за членство во Европската Унија, но патиштата неодамна им се разделија и соседната земја го продолжува евроинтегративниот процес со отворањето на преговарачкиот процес со Брисел, додека од Македонија прво се очекува да ги донесе уставни измени.
– Од една страна, граѓаните се чувствуваат подготвени. Можеби и се подготвени да се приклучат кон ЕУ, но не знам колку е и владата, бидејќи ние заостануваме на многу фронтови, вклучувајќи ги многу неопходните реформи. Некои проблеми излегуваат на виделина, какви што се перењето пари, организираниот криминал и други аспекти што се многу загрижувачки, особено од аспект на европската интеграција на Албанија – вели колегата новинар и и продуцент Ервин Ќафмола, кој во последниве три години живее и работи во Приштина, во телевизијата А2 Си-ен-ен.
Го прашувам – што ќе значи одвојувањето на Албанија од Македонија во пристапните преговори со Унијата и дали тоа ќе го отежне пристапниот пат на Албанија.
– Тоа е дискутабилно прашање, бидејќи тоа што сме со Македонија на ист брод, од една страна има свои тешкотии, зашто ако една земја не успее од некоја причина, другата ќе страда. Но, од друга страна, има некој вид единство и заедничкиот интерес е многу поголем. Има и свои пречки, но и предности, и тие се јасни. Сега, кога се раздвоени патиштата и кога Албанија има тешкотии со достигнувањата, особено што расте загриженоста за областите што ги споменав, посебно со криминалот и други поврзани прашања, мислам дека на некој начин ќе биде многу потешко за нас – вели тој.
Отворањето на преговарачкиот процес на Албанија со ЕУ, сепак не значи дека земјата во текот на преговорите нема да се соочи со нови блокади, како последната од Грција што, исто така, го подзапре нивниот напредок кон ЕУ.
– Секогаш ќе има пречки. Точно е дека се обновија тензиите на дипломатско ниво со Грција, особено во однос на изборите во градот Химара, на југот од Албанија, но мислам дека главните попречувања со кои се соочува Албанија се од нас самите. Проблемите што ги имаме сега се поради нас и нема ничија вина. Не ни треба ниту Грција ниту Бугарија или друг да ни поставува пречки на нашиот пат кон Европа, ние самите си правиме „добра“, односно лоша работа – вели Ќафмола.
Мисијата на Еди Рама
Пред шармантниот албански премиер Еди Рама е навистина голем предизвик – водењето на преговарачкиот процес со Унијата, но мојот соговорник не е многу убеден дека ќе успее во мисијата да обезбеди полноправно членство на Албанија во ЕУ, а не се знае ни кога, зашто во земјата цвета криминалот, корупцијата и перењето пари со „амин на власта“, како што вели Ќафмола, и заложбите за справување со нив се само декларативни.
Рама е искусен, проевропски политичар, долго присутен на политичката сцена на Албанија. Уметникот и професор на Академијата за уметност, пред да стане премиер беше и градоначалник на Тирана, министер за култура и министер за надворешни работи, а ја преводи и Социјалистичката партија на Албанија.
– Рама презема дејства како дел од неговиот шарм и прави компромиси, но кога зборуваме за внатрешни компромиси, Албанија де факто станува голем апарат за перење пари и токму затоа ние имаме, на пример, колапс на еврото во однос на лекот, нашата националната валута. Тоа е чудно за земја што нема големо производство. Одеднаш имаме супер силен лек, а еврото постојано паѓа, бидејќи имаме огромни количества евра што се во оптек низ земјата и никој не знае сигурно да каже од каде доаѓаат. Дури и нашите економисти, нашите финансиски експерти, дури и оние најнезависните не можат да најдат некаква друга причина освен перењето пари – вели Ќафмола.
Неизбежен е и кичот. Покрај споменикот на Скендербег во центарот се врти панорамско тркало и блеска карусел. Покрај историскиот музеј со карактеристичниот и препознатлив мурал што го бележи историското минато на албанскиот народ, ечи турбо-фолк музика од целиот регион и ги мами посетителите да си снимат интересно тикток-видео од посетата на Тирана.
Граѓаните на Тирана не влијаат врз „урбанистичките“ решенија
На денска светлина, Тирана изгледа пристојно, модерно, чисто. Огромно градилиште, комбинација на италијанската оставина во форма на големи, функционални згради градени во време на окупацијата, кои сега се факултети и државни институции, и огромни облакодери во сите бои и луксузни хотели што никнуваат како печурки низ градското милје во обид да се даде современа раскошност, уметничка креативност, колоритност, но и строга деловност на пејзажот на главниот град. Новиот лик на Тирана и шаренилото што ги покрива градбите од советската ера, како и пренамената на објектите градени во времето на Енвер Хоџа, главно се производ на концептот што го постави Рама во своите три мандати како градоначалник на Тирана, со помош на видни албански уметници на светски глас.
Kарактеристичните бункери, потсетници на темното минато на земјата, неслободата и теророт со кои се соочувал албанскиот народ и малцинските заедници, се сместени во прекрасни зелени оази. Но, под притисокот на темпото на градење, полека исчезнуваат на сметка на објектите што се плод на урбаната мафија. Често и за инвеститорите се молчи сè додека се вложуваат пари во нови содржини од кои градот и државата ќе има некаков економски бенефит.
– Мислам дека наследството на Тирана во голема мера е под удар на полошо. Исто така, за дел од градбите не се консултирани граѓаните и другите тела. Можеби имало „кенгурски“ консултации, а не вистински. Факт е дека најголем дел од зградите се концентрирани во строгиот центар на градот и, во основа, го затвораат небото и погледот, надвиснувајќи над вистинските, традиционални знаменитости на градот. Нашиот премиер најави дека ќе има најмалку уште 20 вакви високи кули што ќе го накитат пејзажот на Тирана, а тоа е проблематично. Многу малку знаеме за изборот на нивниот изглед, за нивното влијание врз заедницата, врз сообраќајот, врз можноста за слободна циркулација низ градот. Граѓаните на Тирана немаат голем избор за тоа – вели мојот соговорник.