ВИДЕО РЕПОРТАЖА: Сеќавање на Треблинка – логорот во кој беа погубени 7.144 македонски Евреи

ФОТО- Дејан Србиновски: Табла на влез од Музејот Треблинка

>„Ниту еден Евреин од Македонија не беше депортиран во Аушвиц, сите беа депортирани во Треблинка и никој не се врати оттаму. Сега ќе имате можност одблизу да ги видите и слушнете страдањата на вашите предци, пријатели и роднини и да се уверите во вистинската вистина за трагедијата на Евреите но и погубијата на 7.144 македонски Евреи кои биле убиени во концентрациониот логор Треблинка“.

Со овие зборови членовите на Еврејската заедница во Македонија, минатата недела ги испратија тројцата средношколци и петте студенти од Скопје со еврејско потекло во посета на Полска и визита на повеќе спомен обележја и локации на депортираните Евреи за време на Втората светска војна.

ФОТО: Главното спомен обележје на загинатите Евреи во Треблинка

Имајќи на ум дека историјата очигледно не можеме да ја промениме, но можеме да го испочитуваме споменот на нашите загинати сограѓани Евреи, веднаш по пристигнувањето во Полска како прва дестинација за посетата на младината од македонската еврејска заедница беше токму логорот Треблинка.

Завиен длабоко зад крошните од дрвјата на 5 километри од селото Треблинка и на околу стотина километри североисточно од Варшава на магистралниот пат кој води кон границите со Русија, добро познатиот логор на смртта на нацистичка Германија беше ладното „добредојде“ за македонските студенти и средношколци.

Морничавата тишина но и ладниот ветар на портите од логорот беа само потсетување на зборовите кажани од членовите на Еврејската заедница во Македонија пред поаѓањето од Скопје.

ФОТО: Влез во Музејот Треблинка

Павел Малишевски водичот на Треблинка музејот за „Слободен печат“ посочи дека логорот во Треблинка првично како и останатите бил наменет како затвор за Полјаците кои се противеле на нацистичкиот режим, а потоа се претворил во најголема фабрика на смртта во Европа.

ФОТО- Постаменти во знак на сеќавање на жртвите во Треблинка

– Како повеќето знаете после Втората светска војна, Полска била окупирана од Третиот рајх од Западот и СССР од Истокот. Сега сме на локација пред влезот на Треблинка, логорите се лоцирани отприлика 5 км. од железничката станица Треблинка и 5км. од истоименото село Треблинка. Овдека се проценува дека околу 900.000. Евреи се убиени таму во гасни комори, највеќе од Полска, Евреи од Третиот рајх и земји кои биле окупирани од нацистичка Германија – им рече накратко водичот Малишевски на групата од Македонија пред самиот влез во логорот Треблинка.

Каменот со името Македонија во Треблинка, заслуга на ЕЗРМ

Хронолошкото раскажување на илјадагодишната историја на полските Евреи со нашите домаќини лицата задолжени од полското министерство за надворешни работи, заклучивме дека без културата на полските Евреи не би постоела ни културата на Полска, ниту полски национален идентитет без еврејскиот идентитет. Па така разговарајќи за како треба да се поттикне по повеќе години повторно обновениот еврејски живот во растечката еврејска заедница во Полска, патот не нанесе и до сивиот камен со натпис Македонија кој беше откриен во полското село, покрај мноштвото такви камења на кои беа наведени имињата на државите од кои потекнуваа Евреите убиени во нацистичкиот логор.

ФОТО: Еврејската младина и Маја Наноу фотографирани пред каменот со името Македонија во Треблинка

Маја Наноу истражувач од Центарот за истражување и едукација во Холокаустот во Скопје која ја придружуваше групата на младината од македонската Еврејска заедница во Полска, раскажувајќи за заложбите на македонската заедница на Евреи да се постави свое камен обележје во Треблинка ни објасни дека не било лесно да се интервенира во трајната поставка на меморијалот Треблинка, и дека целата активност траела речиси две ипол децении.

– Тоа беше постигнато со долгогодишна работа, заложби и меѓународни контакти преставниците на Еврејската заедница во Македонија. Ние едноставно не можевме да се помириме со фактот што македонските Евреи ниту во Треблинка немаат гробно одбележје. Не беше лесно да се интервенира во трајната поставка на меморијалот Треблинка, после толку години. Но, благодарение на напорите на истакнати членови на Еврејската заедница, ете, од 2008 имаме и камен на кој стои „Македонија“ – вели Маја Наноу.

Софија посегна да се тргне каменот со натписот Бугарија од логорот Треблинка

Во исто време раскажувајќи за судбината на евреите од овие простори во Втората светска војна нашиот водич се осврна и кон каменот на кој е впишано името на Бугарија.

ФОТО-Дејан Србиновски: Водичот на групата Малишевски пред спомен обележјата на жртвите од државите низ светот во Треблинка

Бугарија за време на Втората светска војна ја има окупирано Југославија поточно некои делови од неа. Сега тогашниот окупиран дел од Југославија бил и од сегашна Македонија. Евреите од Македонија до доцните шеесети години беа комеморирани со овој камен-споменик со името Југославнија. Но камен со името Македонија во знак на македонските Евреи беше поставен во 2008 година и тоа на иницијатива и барање на македонска Еврејската заедница – ни рече Малишевски.

Тој додаде дека неодамна официјална Софија преку амбасадата во Полска побарала да се тргне каменот со името Бугарија со едноставно објаснување дека не припаѓа да биде испишано во негативен контекст во концентрациониот логор во Треблинка.

ФОТО: Макета од логорот како изгледал за време на Втората светска војна

Мартин Громбаниевски и Деа Денковска средношколци од Скопје кои беа дел од групата и организарината посета на младината од Еврејската заедница во Македонија (ЕЗРМ) на Полска, сумирајќи ги впечатоците од посетата на логорот порачаа дека Треблинка Музејот претставува мост преку бездната создадена од Холокаустот, мост низ времето, континентите и човековите животи. Тие како што велат никогаш нема да ги заборават страдањата на Евреите особено оние кои биле депортирани од Македонија за време на Втората светска војна во кои биле и нивните предци.

Целата видео-репортажа погледнете ја во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот