ВИДЕО | Реџепи: Немаме проблем со снабдување со гас, а интерконекторот со Грција ќе биде подготвен истовремено со терминалот во Александруполис

Бајрам Реџепи, директор на Националните енергетски ресурси
Фото: Слободен печат

Сите сме во неизвесност од енергетската состојба, а и сите надежи ни се упатени кон тоа дали и накаков начин ќе се реши оваа енергетска криза што настана по инвазијата на Русија врз Украина и затворањето на вентилите на гасоводите кон Западна Европа. Важно е оваа ситуација да не нѐ стаса неподготвени или барем не во онаа фаза кога ќе речеме дека немаме ни шанси ни начин да се справиме со енергетската криза како држава. Нашите надежи, меѓу другото, почиваат во гасоводниот систем Александропулос и доставувањето на т.н. течен гас во ова погранично место во Грција.

Бајрам Реџепи, директор на Националните енергетски ресурси, организација која сега практично станува државна компанија со преземањето на Гама која сега интензивно мора да го доврши процесот на гасификација на краковите од грчката граница до Неготино и од грчка граница до Александруполис,за Утрински брифинг ги анализираше светските турбуленции со гасот и како тоа ќе се одрази врз Македонија.

– Енергетската ситуација е прилично комплексна, но секако е решлива. Не би сакал да кажам дека нема решение за ваквата состојба посебно ако ги гледаме другите текови, другите гасоводи по кои се снабдува ЕУ, односно поголемиот дел од Европа, вели Реџепи за Утрински брифинг.

Реџепи, зборувајќи за тоа каква е потрошувачката и како изгледа сликата на европските гасоводи, вели дека последниве години потрошувачката на природен гас во Европа почнува да опаѓа бидејќи се воведуваат други извори на енергија. Ако во 2016 година потрошувачката на ЕУ со Велика Британија била 570 милијарди метри кубни очекувањата се дека годинава потрошувачката на гас ќе се симне на 330-340 милијарди метри кубни. Реџепи објаснува дека ако биде прекинато целото снабдување со гас од Русија, има и други снабдувачи. По Русија втор најголем снабдувач со природен гас е Норвешка која може да го подигне својот производствен капацитет на 110 милијарди метри кубни природен гас. Потоа, Европската унија има сопствено производство од околу 40 милијарди метри кубни природен гас кое може да се подигне на 70 милијарди. Исто така, има уште 40 милијарди метри куби гас од јужните протоци, од Алжир и Мароко, што може да се подигне на производство од 50 милијарди кубни метри гас.

– Вкупниот капацитет наЛНГ терминалите во ЕУ е околу 160 милијарди метри кубни гас на кои кога ќе им се подигне нивото на производство ќе придонесе да нема посебен проблем за снабдување на крајните потрошувачи во природен гас. Ова особено затоа што ЕУ во сопствени подземни резервоари има складиштено 100 милијарди кубни метри течен гас, вели Реџепи.

Тој додава дека само во Бугарија има капацитети од 500 милијарди метри кубни кои во моментов се полнат, а имајќи го сето ова предвид, Реџепи смета дека земјите од Западна Европа нема да имаат никаков проблем со снабдување на гас. Но, затоа проблем ќе се создаде во земјите од Источна Европа.

– Проблемот со гасоводите беше што беа еднонасочни, односно протокот одеше само од исток кон запад. Затоа сега се прават ремонти за гасот да може да се пренесува и во обратна насока од запад кон исток со што набргу и проблемот на Источна Европа ќе биде надминат, вели Реџепи.

Со зголемувањето на капацитетите на интерконекторите во Бугарија, Грција и Турција, и регионот на Балканот многу скоро ќе го надмине процепот што се јавува во овој момент со дистрибуцијата на гасот, а во случај на целосно прекинување на доставата од Русија.

– Ние можеме целосно да се ослободиме од енергетската зависност од енергенсите од Русија. Македонија има конекција само со Бугарија, но ако Бугарија ги зголеми своите капацитети тогаш и нам ќе ни биде олеснета ситуацијата. Алтернативи има, вели Реџепи.

Европска комисија се вклучи да му помогне на целиот регион, вели Реџепи и додава дека реално Македонија во моментов нема проблем со доставата на гас.

– Државата ги има направено сите чекори за распределба на капацитетите за да има гас и за Македонија од балканските резерви, вели Реџепи. – Интерконекторот со Грција ќе биде подготвен на време и во исто време со терминалот во Александруполис, а тоа ќе биде во 2024 година.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот