ВИДЕО | Разговор со Сара Климоска, една од нашите најуспешни актерки

Сара Климоска
Сара Климоска / Утрински брифинг

Годината 2021 на актерката Сара Климоска ѝ почна со наградата „Shooting Stars“ играше во неколку значајни театарски проекти и три играни филмови и со тоа се вброи во редот на уметниците кои ја одбележаа годината.

„Иако пандемијата ја забави работата во театарот и филмот, сепак работите тргнаа на добро. Инаку јас не сум првата што ја добив наградата „Ѕвезда во подем“ што ја доделува Берлиналето, пред мене ја имаат освоено и Благој Веселинов, Наташа Петровиќ, Лабина Митевска и тоа е важно и за македонската кинематографија, а за мене има огромно значење“, вели за Утрински брифинг, актерката Сара Климоска.

Оваа година, во театарот Климоска ќе ја паметиме по улогите во два значајни проекти на режисерката Нела Витошевиќ: „Мојот маж“ според расказите на Румена Бужаровска во Драмски театар и претставата „Работи за кои не зборуваме“ во МНТ.

„Нела во последните неколку години развива еден многу интересен документарен пристап во театарот, кој што мислам дека е многу присутен на европско и на светско ниво, меѓутоа кај нас се’ уште не дошол, па таа го развива и тоа. Вечерва ја завршуваме сезоната во Драмски театар со изведба на „Мојот маж“. А во последната претстава на Нела Витошевиќ пристапот целосно е документарен, врза база на наши лични монолози, извадоци од весници и анонимни приказни кои што ни бе испратени лично нам и кога ги добивме увидовме што е тоа труло во нашето општество и за што треба да зборуваме во претставата. Меѓу другото ги раскажавме и приказните на Марија Радуловиќ, актерката што ја разоткри аферата во Србија со професорот по глума која ја злоставувал, и на Данијела Штајнфел, случај кој можеби не доби соодветна судска завршница, меѓу другото и заради тоа што кај нас немаше луѓе што јавно излегоа дека доживеале такви ситуации кај нас, за жал верувам дека тоа се случило и овде но се’ уште не сме се охрабриле да го кажеме тоа, и тоа веројатно го отсликува нашиот страв и нашата конзервативност во ова општество“, вели Климоска.

Изминатата година Сара Климоска има свои улоги во дури три филмови: првиот долгоетражен филм на режисерот Горан Столески „You won’t be alone“ и кој што влезе во официјалната селекција на престижниот Санденс фестивал во САД. Потоа во новиот филм на Милчо Манчевски „Кајмак“ и во доглометражниот првенец на Елеонора Венинова, насловен „Преекспонирано“.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот