ВИДЕО: Работнички со половичен ефект се враќа од „балонот“ на Златибор

Фото: ABA League/Dragana Stjepanovic

Кошаркарите на Работнички со учинок од две победи и исто толку порази, го завршија своето учество од премиерниот настап во првиот од трите предвидени турнири, „балони“ во АБА 2 лигата од регуларниот дел.

Вечерва тимот од „Градски парк“ загуби со резултат 89:73 од Младост Земун. Клучна за конечниот епилог беше втората четвртина која ја доби ривалот од Србија со 25:9.

Во вториот дел играчите на тренерот Димитар Мираковски се обидоа да играат подобри на паркетот, во последната делница стопија нешто од негативата за само „минус 12“, но не и доволно да се спречи поразот.

Воглавно Американците доминираа на двете страни, во победничките редови најефикасен беше Мичел со 26 поени (седум скока, девет асистенции), а Дрешел забележа „дабл-дабл“ учинок од 23 поени и 12 скока. На спротивната страна Питс запиша 25 поени и осум асистенции, а Вашингтон 16 поени и девет скока.

Вториот македонски претставник, екипата на МЗТ Скопје Аеродром својот последен меч во „балонот“ на Златибор ќе го игра на 18 ноември (среда), од 17.00 часот, а за противник го има Борац од Бања Лука.

На табелата моментно првото место го делат Студентски центар, Младост Земун и Работнички со по шест бодови, а по пет на делба на четвртата позиција имаат Борац Бања Лука, Спарс Рилвеј, МЗТ Скопје Аеродром, Подгорица, Слобода Ужице и Златибор.

Фото: ABA/Dragana Stjepanovic

– Имавме некоја желба да го завршиме турнирот со победа. Но, видовме моментно не се реални шансите да издржиме четири натпревари во седум-осум дена. Претходно и во македонското првенство, три натпревари, значи 16 дена, седум меча. Честитки за екипата на Младост Земун, без разлика што имаат проблеми со болести, со коронавирус, тука им се присутни главните играчи, тоа е една цврста, физички силна екипа за која што не можеме да одговориме. Се виде дека со екипи кои се физички посилни од нас, не можеме да држиме ритам со нив.

Сега ни е појасна сликата што треба да промениме и каде треба да се засилиме. Овој ритам на натпревари на секои два дена мора да се издржи, мора да се земат уште неколку играчи, физички посилни каде што можеме да издржиме. Видовме дека во континуитет секој трети, четврти натпревар паѓаме. Дојдовме изморени после три меча, па лош натпревар. Па два добри меча, па сега пак лош. Тоа е отприлика на она што во наредниот период мора да се засилиме – рече Мираковски после мечот со Младост Земун.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот