ВИДЕО: Првата дама Ѓоргиевска дел од проектот „Трешн Фешн 2020″

Сопругата на претседателот Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, беше дел од 4-членото жири коешто ги оценуваше креациите на учениците од 14 средни училишта од Република Северна Македонија, изработени од реупотреба на различни отпадни материјали.

Средношколците изминатиот период собираа материјали, односно стара хартија, пластика, делови од стари компјутери, природни материјали и други предмети коишто можат да се реупотребат. Потоа, од истите изработуваа облека и модни додатоци.

Целта на проектот „Трешн Фешн”, којшто повеќе од 10 години го организира здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО, е да се намали отпадот преку негова реупотреба и да се подигне свеста кај учениците, но и кај пошироката јавност за важноста од здрава животна средина.

-Навистина ме воодушеви креативноста и потенцијалот на средношколците. Но пред се, импресионирана сум од исклучително развиена свест на овие млади луѓе за значењето и зачувувањето на животната средина, на природата и реупотреба на отпадот- истакна Ѓоргиевска.

Досега, на овој натпревар учествувале речиси сите средни училишта од земјата и биле изработени повеќе од 400 модели и модни додатоци. Низ процесот на собирање материјали тимовите исто така, имаа задача да измерат колку отпад собрале. Годинава биле собрани повеќе од 3500 килограми отпад. А темата на која се изработуваа делата е „Супер херои за 2020 година”. Годинашната акција беше посветена на сите хероини и херои коишто беа на првите борбени линии при справување со пандемијата на Ковид-19 и коишто постојано беа изложени на ризик.

Победник на годинешниот „Треш Фешн” е тимот од средното општинско училиште „Богданци” од Богданци составен од ученичките Стефанија Ангова, Цветанка Атанасова и Габриела Костевска, под менторство на Весна Ристовска. Второто место им припадна на Марија Станојовска, Александра Мирческа и Антонио Ѓурчиноски, ученици од СОУ „Ѓорче Петров” од Прилеп и нивната менторка Марта Макеска. Јована Иванова и Софија Пецева и нивната менторка Маргарета Спасов, од СОУ „Никола Карев” од Струмица го освоија третото место. Специјалната награда за најголема количина собран отпад ја добија учениците од СОУ „Коста Сусинов” од Радовиш, односно Марија Прастова, Верица Георгиева и Косара Ѓорѓиева, под менторство на Катерина Сусунова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот