ВИДЕО | Прв позитивен собир пред Владата: Бардовчани се заблагодарија за одлуката за дислокација на Центарот за странци

Министерот Маричиќ и пратеничката Славјанка Петровска сограѓаните од Бардовци/ Фото; Слободен печат

Букет цвеќе за пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска и благо за министерот за правда, Бојан Маричиќ како гест на благодарност од бардовчани откако Владата донесе конечна одлука за дислокација на Центарот за странци од атарот на скопско Бардовци.

Владата на вчерашната седница донесе одлука да се стопира изградбата на Прифатниот центар за странци во Бардовци и да се премести на локација надвор од населено место. Поради првичната одлука за почеток на градбата на Центарот во Бардовци, жителите од август почнаа да излегуваат редовно на протести низ скопските улици и да бараат дислокација од нивното село.

– Владата вчера донесе одлука за стопирање на градбата и одлука со која беа задолжени две министерства да бараат нова локација вон населено место така како што бараа граѓаните на Бардовци. Мислам дека ова е голема победа за граѓаните, голема победа и успех и за владата зошто не може владата без граѓаните, ниту граѓаните без владата. Затоа во овој дијалог  имаа граѓаните дилеми, имаа проблеми и имаа стравови. Ние покажавме дека сакаме да ги чуеме и дилемите и проблемите и стравовите на граѓаните и не само што сакавме да ги чуеме, туку сакаме и да ги уважиме и да донесеме соодветни одлуки за да имаат мирен и спокоен  живот  и да веруваат во институциите. Мислам дека ако ова го продолжиме како тренд, ако умееме да признаеме кога некогаш за нешто сме направиле пропуст и ако ги послушаме граѓаните успехот е загарантиран и за граѓаните и за нас, рече министерот за правда Бојан Марачиќ.

Тој им честиташе на Бардовчани и на нивната упорност и нагласи дека вратите на владата ќе останат отворени  за сите нивни проблеми и за се она што им треба и како  општина и како граѓани.

Министерот Маричиќ доби аплауз од присутните бардовчани и нагласи дека одлуката за дисклокација е тимска одлука на целата Влада и е донесена едногласно.

Бардовчани се среќни што нивната иницијатива и упорност резултираше со стопирањето на градбата во атарот на нивното село.

– Голема поддршка до ситте граѓани кои се бореа три месеци заедно со нас и успеавме на крајот да склучиме договор заедно и да ги поминеме сите овие препреки и да дојдеме до заеднички јазик, рече Владимир Бајлозов, како претставник на жителите на Бардовци.

Со гласна музика, бакљи и патриотски песни пред Владата, бардовчани ја поздравија одлуката и си заминаа задоволни што се слушна гласот на народот и што Владата ги исполнува барањата на граѓаните.

Видео на денот