ВИДЕО | Протест на ССМ: Работникот се чувствува измамен и излажан

ссм протест
Протест на ССМ пред Министерство за труд и социјална политика / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Синдикалците денеска протестираат пред Министерството за труд и социјална политика, незадоволни од неисполнувањето на нивните барања за зголемување на платата за 2.800 денари.

Иван Пешевски од ССМ денеска во Утрински брифинг изрази надеж дека ќе остварат комуникација со министерката Јованка Тренчевска по која ќе ги усогласат ставовите во однос на барањата.

– Работникот во овој момент се чувствува излажан затоа што вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска  на први мај ветија линеарно зголемување на платите за сите од хигиеничар до претседател на држава, но до денеска ветеното не е реализирано. Остана непотпишан и општиот колективен договор со кое се предвидува и регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор. Се надевам дека ќе седнеме на маса со министерката и дека ќе биде изгласано нашето барање за зголемување на платите преку амандман во Собрание и тоа од први јули. Доколку тоа не се случи остануваме на ставот дека нови барања ќе имаме од септември имајќи ги во предвид ценовните шокови, одмрзнатите цени и поскапувањето на горивата. Нашите проценки се дека инфлацијата од септември ќе биде над 15 проценти така што зголемувањето од 2.800 денари нема да ги задоволи, рече Пешевски.

Иако синдикалците се бореа за неделата да остане неработен ден, вчера беа усвоени измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност.

– Со измените во Законот се заобиколи социјалниот дијалог којшто го водевме претходно. Со тоа не изиграа и тоа истовремено додека ние протестиравме за правата на работниците и покачување на платата. Со тоа се покажува дека не постои социјален дијалог помеѓу владините претставници и синдикалците. Ние се бориме сите работници да имаат можност во неделите да бидат со семејството, а очекуваме дека во следниот период ќе се злоупотреби формулацијата „туристички места“ бидејќи лесно можат сите градови да се претворат во туристички места, вели Златко Цветковски од ССМ.

Штрајкувачките активности на синдикалците се договараат од ден за ден.

– Ако денеска ја потпишеме спогодбата за општиот колективен договор, утре нема да има протест, но во спротивно размислуваме утре да протестираме пред Министерството за здравство или пред Министерството за информатичко општество. За тоа ќе одлучи штрајкувачкиот одбор, односно претседателството на ССМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот