ВИДЕО | Професор Борче Давитковски: Сè повеќе, за жал, градиме партизирана држава

Изминатите 30 години кај нас, за жал, некако не успеавме да направиме едно граѓанско општество, држава во која граѓаните ќе ги остваруваат своите права на брз и лесен начин, особено пред органите на администрацијата. За жал, сè повеќе и повеќе градиме една партизирана држава, така што видовме која политичка партија ќе дојде на власт, првите до 3.000 до 4.000 раководни кадри во админситрацијата и пошироко во јавната администрација се менуваат. Тоа е лошо, бидејќи се прави без критериум, партизирано е, и не е добро. Ние имаме европски закони и за сите закони добиваме одлични критики и препораки од европските експерти, но фали имплементација на истите, односно, според мене, треба да имаме политичка волја, пред сè, од оние кои се носители на извршната власт, изјави во „Утрински брифинг“, професор доктор Борче Давитковски.

– Имаме доста органи, имаме ДКСК која што е избрана по посебна постапка. Од друга страна, Владата е затечена, бидејќи чувствуваат дека со оваа пандемија во самиот политички и економски систем мора да се реагира, па ставија посебен министер кој исклучиво ќе се бави со проблемот на корупцијата, иако тоа е невообичаено за европски стандарди. Мислам дека новиот Закон за спречување на корупција и конфликт на интереси е добар, но кога се бираше комисијата, мислам дека на превентивниот карактер на комисијата, тој дел се заборави. Ја гледам Комисијата почна да добива манири на СЈО. Секој тред ден на телевизија, бомбастични изјави, се става во ситуација на обвинител, на судија и на извршител. Се дрзнуваат да решаваат и некој конкурс за избор на наставно звање што не е нивно поле на дејствување. Она што е нивна основна работа – превенирањето, тие го заборавија, смета Давитковски.

– Ако сакате да спроведете ветинг, треба да се спроведе на целиот правосуден систем. Тука се судиите, судската администрација, обвинителите, адвокатите како јавна служба со устав загарантиана. Тоа мора во пакет да оди. Јас не верувам дека ветингот ќе се реализира. Имаше еден совет на министерот за правда, каде бев и јас и таму истакнавме три клучни барања. Прво, и помогнавме на Правда да се направи стратегија за реформа на правосудството кој доби брилијантни рецензии од Брисел. Второ, јас инсистирав да се донесе закон за поништување на Законот за лустрација. Трето, беше отпочнување постапки за наместените предмети. И четврто, беше да се смени Законот за судски Совет и судскиот Совет да биде разрешен доколку Собранието не му го усвои извештајот за работа. Ниедна од овие работи не се прифати, истакна Давитковски.

– Ако се донесеше Законот за поништување на лустрацијата, сите судии од Управниот суд кои ги потврдиле решенијата на Комисијата за лустрација, за нив ќе се преиспитуваше работата и ќе се создадеа основи за разрешувања, додаде Давидковски.

Целиот разговор со професор доктор Борче Давидковски, погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот