ВИДЕО | Проф. Методи Хаџи Јанев: САД немаат намера да дозволат авторитарни режими да владеат со Тајван

Проф. Методи Хаџи Јанев, гостин во „Слободен печат“/Фото: Слободен печат

Универзитетскиот професор, Методи Хаџи Јанев во гостувањето во студиото на „Слободен печат“ говореше за последните тензии меѓу Кина и Тајван по посетата на Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом на САД на Островот, боиштата во Украина, распламтувањето на старо-новите безбедносни жаришта во нашето соседство како и за донацијата на оружје од македонска страна кон Украина.

Професорот посочи дека случувањата меѓу Кина и Тајван може да доведат до сериозна конфронтација и отворени конфликти за големите сили.

– Уште од минатата година Кина правеше неколку воени маневри кои што всушност беа провокација и за САД и го кренаа алармот на највисоко ниво. Интересно е да се каже дека Америка малку е почуствителна за тој дел од светот, бидејќи нејзиниот интерес за тој регион е голем. Во тој дух Бајден за разлика од Украина јасно кажа дека САД таму  ќе интервенира и воено доколку има потреба, каде за сметка на тоа Кина успеа да окупира некои острови кои не беа предходно завземени, односно да распореди сили со што всушност географски значително ја смени сликата околу офанзивните и дефанзивните капацитети на нејзината армија при евентален конфликт – објаснува Хаџи Јанев.

Друг сериозен проблем според познавачот на состојбите Хаџи Јанев за САД е тоа што во исто време тие ја имаат и војната во Украина која што како што посочува тој значителен број на американски трупи се веќе прераспределени и лоцирани во европската команда.

– Воените вежби кои Кина во моментов ги спроведува е комбинирно здружено војување на различните видови на војска. Се увежбува авијацијата, копнените сили и морнарицата – објаснува Хаџи Јанев.

Проф. Методи Хаџи Јанев, гостин во „Слободен печат“/Фото: Слободен печат

Универзитетскиот професор Хаџи Јанев истакнува дека посетата на Пелоси на Тајван има и политичка димензија која според него треба да ја зајакне позицијата на демократите во САД, бидејќи тоа преставува знак на зајакнување на „виртуелно“ ослабените позиции на демократите наспроти републиканците во земјата. Тоа е така бидејќи во САД се ближат избори од чија победа подоцна ќе се дефинира и многу веројатно победникот на претседателските избори кои ќе следат.

– Посетата на Пелоси на Тајван имаше една цел а таа е дека САД ги поддржуваат и цврсто стојат зад демократските процеси во земјата. Со нејзината посета Вашингтон јасно потврди дека САД нема намера да го отстапат просторот на авторитарните системи да навлезат во Тајван, како што либералниот свет ги нарекува  – вели Хаџи Јанев.

Тврдењата дека Русите употребуваат С-300 во Украина за гаѓање цели на копно се погрешни

Проф. Хаџи Јанев коментирајќи ги последните случувања на боиштата во Украина и информациите пласирани во јавноста од страна на украинските медиуми дека руската армија сега ги користи своите ракети земја-воздух со долг дострел С-300 за да нападне копнени цели во Украина поради недостаток на мунција, појаснува дека тврдењата се погрешни.

– С-300 се системите кои што се стари и потекнуваат од 60-тите, 70-тите години се наменети за гаѓање на цели земја-воздух. Сепак уште од самото нивно дизајнирање има околу 20 видови на ракети кои ги користат овие системи. Русите со години ја отфрлаа варијантата овој ракетен систем да го доразвијат и да биде вклучено користење на С-300 системот за гранатирање на копнени цели, бидејќи руската армија разви друг систем за таа намена, наречен „Точка“. Па така покрај моментот што Русија сега применува „нова стратегија“ на војување со исцрпување, поради што Украина одби да се покори, она пак што Москва го посака, руската армија ги користи овие ракети, бидејќи таа ги има во изобилие – објаснува Хаџи Јанев.

Донацијата на оружје на Киев е дел од стратешките политики на земјава

Експертот по безбедност, осврнувајќи се на донацијата на македонските тенкови и другото оружје на Украина вели тоа е правилен чекор на македонските власти бидејќи земјава е полноправна членка на Алијансата и ги следи политиките на либералниот свет односно наевроатланските структури.

– НАТО јасно се стави на страна во кофликот со Русија, а ние сме членка на Алијансата, Од тука јас тука не гледам проблем во донацијата на оружјето кон Украина, која во исто време е правилен чекор – вели професорот.

Хаџи Јанев додава дека испразнетиот воен капацитет на аримјата преку донациите за Украина ќе се надополни со планот за осовременување и градење на капацитетите на војската.

Проследете го целиот разговор во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот