ВИДЕО | Презентиран Планот за забрзан економски раст 2021-2026

Фатмир Бесими
Фатмир Бесими / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра во следните пет години кои ќе мобилизираат дополнителни осум милијарди евра инвестирани од приватниот сектор, зголемување на стапката на економски раст, намалување на стапката на невработеност на едноцифрено ниво и намалување на јавниот долг под 60 проценти од БДП, се главниот таргет што треба да се постигне со Планот за забрзан економски раст 2022-2026 што денеска Владата го усвои на својата седница.

Со Планот е предвидено зголемување на просечната стапка на економски раст од 2,5 на 5 проценти просечно на годишно ниво во следните пет години, стапката на вработување да се зголеми на 54,3 отсто во 2026 година, а стапката на невработеност првпат да влезе во едноцифрена зона од 8,6 проценти до 2026 година. Во 2026 година, јавниот долг се очекува да биде под 60 проценти од БДП, а буџетскиот дефицит да биде на ниво од 2,2 проценти од БДП.

Планот, како што денеска посочија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, е донесен преку инклузивна постапка во комуникација со меѓународни финансиски институции, коморите и експерти.

– Планот нуди иновативен пристап до капитал за финансирање за забрзување на економскиот раст, пристап кој успешно функционира во Европската Унија. Покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за периодот 2022-2026 година, финансирани од буџетот, со ИПА фондовите и со меѓународните финансиски институции, ќе се мобилизираат повеќе средства и инвестиции од страна на приватниот сектор. Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, а ќе се концентирани во повеќе приоритетни области како зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфраструктура и човечки капитал, како и социјална кохезија, истакна Заев.

Тој посочи дека меѓународните развојни партнери, ќе помогнат со финансиска поддршка и техничка помош за успешна реализација и во таа насока Планот е комплементарен и усогласен со останатите стратешки документи на Владата, како и со Буџетот за 2022 година, кој е во завршна фаза на подготовка.

Според премиерот, од особена важност се капиталните инвестиции кои, како што посочи, не запреа и во време на пандемија. Од почетокот на годината заклучно со 22 октомври реализацијата на капиталните инвестиција изнесува 14,2 милијарди денари и е за 57,4 проценти повисока во однос на истиот период лани.

Преку КАПЕФ механизмот, кој е од неодамна воспоставен, се проценува дека може да се генерираат дополнителни 1,5 милијарди евра капитални расходи во периодот 2022-2026 година.

– Овој план ќе ја зацврсти констатацијата дека Северна Македонија е земја со предвидливи услови и клима за инвеститорите, бидејќи ги содржи основните аспекти кои се од примарна важност за домашните и странските инвеститори. Планот е приказ на изворите на финансирање, областите и секторите во кои ќе се инвестира, финансиски инструменти атрактивни за инвеститорите, целосна мапа за реализација на истиот, но и мерки за реализација и ублажување и управување со евентуалните ризици при имплементација, рече Заев.

Министерот за финансии Бесими истакна дека Планот нема да остане само на хартија и дека е предвиден Акциски план со прецизни рокови на реализација. Покрај традицоналните извори на финансирање, предвидени се и нови иновативни решенија.

КАПЕФ механизмот, како што посочи, веќе дава резултати, а во однос на новите инструменти за буцетско финансирање, предвидени се развојни обврзници преку кои ќе се обезбеди финансирање на развојни проекти од национално значење, потоа проектни обврзници кои ќе се нудат за да поттикнат инвеститори да се вклучат во финансирање на поспецифични развојни проекти, како и обврзници индексирани за инфлација кои ќе бидат еден вид на долгорочни државни хартии од вредност издадени од Министерството за финансии. Средствата што ќе бидат обезбедени преку овие обврзници, како што посочи Бесими, ќе одат за инвестиции за јавниот сектор.

– Со Планот ние овозможуваме позабрзан економски раст и зголемување на конкуретноста на нашата економија, а со тоа да се достигне до просченото ниво на развоеност на земјите од Европската унија во наредниот период, порача Бесими.

Планирано е да бидат емитувани и првите зелени обврзници со цел да се обезбеди зголемено финансирање за подобра енергетската ефикасност, намалување на загадувањето, олеснување на управувањето со отпадот, поддршка на одржливото земјоделство и многу други еколошки прифатливи проекти.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот