ВИДЕО: Пресврт на Чурлинов и Штутгарт, Левандовски се израмни со Герд Милер!

Роберт Левандовски (Баерн Минхен) меѓу номинираните за најдобар напаѓач/Фото: EPA-EFE/Sebastian Widmanno

Фудбалерот на Баерн Минхен Роберт Левандовски денеска се израмни со рекордот на славниот Герд Милер по бројот на постигнати голови во една сезона.

Полјакот во денешното реми на Баерн со Фрајбург (2:2) го постигна првиот гол за својата екипа, што беше негов 40 погодок во сезоната.

Ист број на голови постигна и легендарниот Милер во дресот на баварскиот гигант во натпреварувачката сезона 1971/72. После тој гол реализиран од пенал во 26 минута, Левандовски го подигна дресот, а на маицата пишуваше „4ever Gerd“, односно „Засекогаш Герд“.

Во рамките од претпоследното 33 коло во Бундеслигата Штутгарт со 1:2 триумфираше на гостувањето кај Борусија Менхенгладбах. Домаќините водеа после првото полувреме со голот на Стиндл во 45 минута на „Борусија-Парк“.

Од 63 минута за Штутгарт настапи младиот македонски репрезентативец Дарко Чурлинов како замена за Соса. Пресвртот беше направен за период од пет минути, односно трите бода ги обезбедија Ендо и Калајџиќ.

Штутгарт после 12 победа сезонава е на деветтото место со 45 бодови, а последниот лигашки меч ќе го има на 22 мај дома со Арминија Билефилд.

Во другите мечеви од рундата: Арминија Билефилд-Хофенхајм 1:1, Аугсбург-Вердер Бремен 2:0, Баер Леверкузен-Унион Берлин 1:1, Херта Берлин-Келн 0:0 и Шалке-Ајнтрахт Франкфурт 4:3.

Видео на денот