24.8 C
Скопје

ВИДЕО | Познатиот скопски фризер Љупчо Петрушевски – Бубе Ин: Откако се опоравив од дијагнозата енцефалит, веќе ништо не ме плаши – мислам дека ги доживеав сите можни искушенија

Кога станува збор за животни инспиративни приказни, во овој град, не можам да го изоставам човекот чие работно место е повеќе како негов дом. Љупчо Петрушевски – Бубе Ин не би можела да ви го опишам со зборовите од речникот, неговта енергија неможам да ви ја пренесам преку пишаниот збор, но преку разговорот со него и креациите кои ги прави, сигурна сум дека ќе ве убедиме во вистинитоста на изреката: „Каде што има воља, има и начин“.

Фото: Слободен Печат.

Првиот „шамар“ од животот Бубе го добива на 13 години кога починува неговата мајка. И наместо да „тресне“ на земја од силниот удар, тој истовремено се запишува во средно училиште, но и започнува да „чиракува“ во тогаш најпознатите фризерски салони. Желбата кон фризерската уметност ја добива од тетката, која ја гледал како „по дома“ вешто ги средува роднините и пријателите. Бидејќи учел средно стручно училиште за кое немал интерес – ЕТУЦ, секој момент пред или по часовите го користел да го усовршува фризерскиот занает. За него, секој потег на мајсторите од кои учел, бил воодушевувачки, се воодушевувал и на фризерските „хауби“. Иако во тоа време како што вели Бубе:

– Нашата професија во тоа време беше една од најуназадените. Луѓето најчесто коментираа: ех, зарем цел живот по туѓи глави ќе чепкаш, ќе чепкаш вошки…

Фото: Слободен Печат.Кога се вработил како фризер, за тоа време, заработувал солидна сума на пари, бидејќи, бил максимално посветен, а и сопсвеничката го почитувала тоа. Па така, наместо да се расфрла со парите и да лудува по забавите, Бубе ја штедел секоја заработена пара за да си купи опрема. На само 16 години го отворил својот прв фризерски салон. Свесен бил за тежината на товарот кој ќе го носи, а и по малку уплашен дали ќе успее во предизвикот кој си го поставил пред себе.

Очигледно е дека успеал и повеќе од што очекувал. Работата која, на некој начин, му помогнала да остане исправен по смртта на неговата најголем потпора, мајката, после многу години, го турнува многу силно. 15 мај 2016 година, Бубе го добива вториот „шамар“ од животот, овој пат, многу посилен од претходниот.

Фото: Слободен Печат.

– Преголем стрес, салон кој во тоа време го отворив заедно со партнер, опслужување на голем број редовно закажани, но и блиски кои бараа да бидат услужени ден за ден, кратење од времето за паузи или јадење, доцни снимања на спотови и слично, си го земаат данокот, раскажува тој.

Доживува мозочен удар кој како последица му ја остава парализирана целата лева страна од телото. И ова за него не претставувало најголемиот проблем, туку тоа како да им соопшти на закажаните клиенти, дека нема да биде во можност да ги опслужи, а во тоа време многу невести имале закажано. Среќа во несрќа е што салонот Бубе Ин, не се затвори никогаш. Како што вели самиот:

– До себе секогаш имам обучен тим, имав и тогаш, тим од 30 луѓе кои беа доволно способни и одлично обучени да можат да работат сами, да ги извршуваат работите беспрекорно, исто како и јас самиот да сум присутен. Поголем дел од моменталниот персонал е истиот од периодот кога заздравував.

А како заздравувал? Вели дека терапиите биле премногу скапи, а единствените приходи со кои го покривал лекувањето, биде од салонот. Луѓето за кои до тогаш мислел дека се негови пријатели, му го завртеле грбот и се однесувале како тој никогаш да не постоел. Единствени вистински пријатели, останале неговите вработени и неколкумина другари и другарки, од цела „плејада“ која претходно ја имал.

Фото: Слободен Печат.

– За да ме спасат, во тоа време докторите користеа кортико терапија од која почнаа да ми се нагризуваат коските и зглобовите, па беше неопходно десното рамо да се замени со вештачки имплант. Околу сите трошоци кои беа потребни за оперативниот зафат,  благодарен сум на колегите, кои во тоа време организираа хуманитарна акција во вид на фризерско шоу „Мајсторите за мајсторот“ и ги собраа потребните средства, продолжува Бубе Ин.

Понатаму, за подобрување на состојбата, тој применува секакви начини на лекување, бањи, физикални терапии и слично, а најважно е дека навистина постои големо подобрување од првичната состојба. Практично не можел да дочека да се врати на работа, бидејќи знаел дека всушност тоа ќе го врати и во живот. А живот за него е неговата работа. Веројатно не е возможно човек да не биде успешен доколку исконски го сака тоа што го прави. Доказ за тоа е и што во време на пандемијата, кога многу бизниси пропаднаа, тој продолжи да работи со полна пареа, и додава:

– Мојот салон е можеби единствениот, кој години наназад практикува хигиенски протокол, па наместо „да ја чекаме пандемијата“ и пред неа правевме дезинфекција на приборот, просториите, еднаш искористениот пешкир веднаш го ставаме за перење и слично.

Фото: Слободен Печат.

Сето ова, заедно со професионалноста, талентот и безусловната посветеност, покрај постоечките редовни клиенти, кај Бубе почнале да се враќаат и луѓе кои со години не биле кај него во салон. Иако, не е во можност физички да присуствува на семинари, Бубе не застанува со едукација и црпење на инспирација. Тоа го прави преку онлајн едукации, филмови и музички спотови на кои работат големите имиња од фризерскиот свет. На сето ова, тој става свој уникатен печат и затоа бил и ќе остане еден и единствен: Бубе Ин.

Проследете го целиот разговор во видеото:

Поврзани вести

ФОТО | Модниот избор на Ирина Шајк: Совршен изглед за долгите топли денови

Слободен печат

ФОТО: Дамиано сака да ги бакнува момците од бендот, а неговата девојка ја привлекуваат и жени: Џорџа Солери искрено за својата сексуалност

Слободен печат

Фановите загрижени: Харисон Форд се повредил за време на снимањето на петтото продолжение на филмот„Индијана Џонс“

Слободен печат

Истражување: Зошто е точна изреката „кој рано рани, две среќи граби“?

Слободен Печат

Автокино проекции во Неготино, Кавадарци и Демир Хисар: Романтичен викенд со „Ах, љубов моја“

Слободен печат

ФОТО: Земји во кое жените со вишок килограми и облините симбилозираат убавина и добар живот

Слободен печат

Остави Коментар