ВИДЕО | Потпишани 12 договори вредни 3,6 милиони евра за прекугранична соработка со Бугарија и Косово

Фото: Screenshot/МИА

Дванаесет договори за кофинансирање на проекти за прекугранична соработка со Бугарија и со Косово во вкупна вредност од 3,6 милиони евра потпиша денеска министерот за локална самоуправа Горан Милевски со претставници на граѓанскиот сектор, на неколку општини и на два центри за развој.

Средствата се обезбедени од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка, а националното кофинансирање во висина од 15 проценти по проект, што е задолжителен услов за користење на средствата од ЕУ, во износ од 337 илјади евра, е обезбеден од Буџетот на државата, односно од Министерството за локална самоуправа.

– На овој начин државата преку Министерството за локална самоуправа ги стимулира потенцијалните апликанти похрабро да влегуваат во партнерствата за прекугранична соработка, да подготвуваат добри проекти кои им се важни на државата и на граѓаните во пограничните региони и со тоа максимално да ги искористиме средставта од Унијата кои ни стојат на располагање. Осум проекти ќе бидат финансирани од Програмата за прекуграничната соработка со Бугарија, а четири со Косово. Вкупната вредност на проектите со Бугарија е 2,7 милиони евра, а со Косово 900 000 евра, рече Милевски.

Тој нагласи дека од претпристапните фондови од инструментот ИПА досега со бугарската програма имаме имплементирано 100 проекти во првиот програмски период и 73 во вториот програмски период – ИПА 2. Со косовската програма, која започна подоцна, во вториот програмски период се имплементирани 12 проекти со партнери од Косово.

Милевски подвлече дека на почетокот од програмските периоди НВО и граѓанскиот сектор доминираа во одобрувањето на овие средства, но благодарение на зголемувањето на капацитети на општините, на планските региони и јавните претпријатија, сега сликата се менува и тие доминираат во одобрувањето и во короистењето на средствата од ЕУ.

– Ние сме задоволни со тој начин на работа и како Министерство им стоиме на располагање на општините и јавните претпријатија во подготвувањето на документите за аплицирање. Како држава, но и како Министерство спремни сме да го започнеме и процесот на акредитација на Министерството и да го преземеме управувањето со ИПА 3 програмата за прекугранична соработка со Албанија и со Косово, со што ќе ја преземеме и обврската и одговорноста за водење на овие програми. Досега Програмата со Албанија ја води Делегацијата на ЕУ во Скопје, а со Косово – Делегацијата на ЕУ во Приштина. Се надевам дека за многу брзо време ќе го започнеме овој прпоцес во интерес на сите, бидејќи ние како држава со повеќегодишно искуство со ИПА 1 и ИПА 2 програмата имаме капацитет и заслуживме да ги преземеме водењето на овие програми, рече Милевски.

Потпишани се договори со градоначалниците на општините Карбинци, Берово, Крива Паланка, Куманово, Гази Баба и Штип, со центрите за развој на Југоисточниот и Северноисточниот плански регион, со две јавни претпријатија од Македонска Каменица и од Куманово, како и со Еколошкото друштво од Македонска Каменица и Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија од Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот