ВИДЕО | Последното гостување на Трајче Ѓоргиев за „Утрински печат”: Поддршката за фестивалот „Панфиз“ расте секоја година

Македонскиот народен театар денеска ја објави жалната вест за смртта на нашиот актер, режисер и магистер по пантомима, Трајче Ѓоргиев.
Ѓоргиев минатиот месец беше гостин на „Утрински печат”, каде разговараше за фестивалот „Панфиз“, кој се одржа на малата сцена на МНТ од 27 до 29 април.
Тој беше основач и главен двигател на фестивалот.
„Стигнавме и до 16-тото издание на фестивалот, кој за среќа, е препознаен од Министерството за култура на РСМ. И оваа година тие го поддржаа фестивалот со не толку големи средства, меѓутоа, доволно за да можеме да ја одржиме температурата на движење во физичкиот театар. Отворањето на фестивалот е на 27 април (четврток) и ни гостува Дамир Данте од Швајцарија, за мене моментално еден од најдобрите светски пантомимичари. Инаку тој е еден од последните ученици, асистенти на Марсел Марсо. Тој овој пат ќе ни се претстави со една интересна верзија со пантомима на страдањата на Исус, навраќање пред 2000 години на сите маки и невољи што ги поминал Исус Христос. Сето тоа преточено преку јазикот на пантомимата и ќе биде навистина интересно да го види нашата публика. Со втората претстава ‘Суштество’, се обидуваме да го одржиме буто правецот и буто театарот, такашто оваа година ни доаѓа една девојка од Србија, Нада Милошевиќ, со претстава која е 45-минутен буто перформанс, танц. За крајот го оставивме нашиот гостин од Романија Пол Цимпоеру, кој е многу активен во светот на физичкиот театар и пантомима и ќе ни се претстави со претставата ‘Човечка љубов’“, изјави Ѓоргиев за „Утрински печат“.