ВИДЕО | Поповски: Проширувањето на ЕУ за Македонија е завршено, ќе сака да не прими во орбитата, но не и во јадрото

Љупчо Поповски/Фото: Слободен печат

Макрон и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, влегоа во натпревар кој да понуди подобар концепт за идната европска архитектура и притоа земјите од Западен Балкан да ги убедат дека нивното пристапување кон ЕУ нема да биде ставено во истиот концентричен круг со Украина, Молдавија и Грузија, пишува Љупчо Поповски во својата колумна.

– Не само што ние не знаеме туку ни „Европјаните“ не знаат каква ќе биде нивната политика на Балканот. Макрон вели дека ќе треба да се формира еден „Совет на Европска Конфедерација“, којшто ќе заседава кога ќе има седници на Европскиот Совет, и после тоа или пред тоа, да се состанат со групите од таа „Европска политичка заедница“ – Северна Македонија, Албанија, Србија. Мишел има малку поблиски релации на тие што се и не се членови. На пример, во таа заедница оние коишто ќе поминат одреден кластер, на Советите на министри, можеш рамноправно да учествуваш на тие министерски Совети на ЕУ, изјави во Утрински брифинг новинарот и аналитичар Љупчо Поповски.

Според Поповски евидентно е дека ЕУ ќе сака да не задржи во орбитата, но ни и да не прими во јадрото.

– Мора јасно да кажеме дека за жал проширувањето за Македонија е завршено. Тоа во одреден дел, е вина на Европа. Тоа е политичка одлука за членството. Која од земјите, кои беа примени, имаа совршено политичко досие? Не може да се бара од oние кои се економски, демократски на дното на скалата, наеднаш да станат супер демократии како Португалија, за да можат да влезат. Тоа можеше да го направат само Финска, Шведска и Австрија. Тоа е невозможно. Политичката волја е загубена кај Европската Унија. Ние не влеговме во таа прочуена, сега веќе заборавена, „Агенда 2000“ и сега, веќе уште од тогаш, нашата шанса се нагризува и сега навистина треба да се случи чудо, дециден е Поповски.

Во однос на актуелниот дијалог со Бугарија, пред се на ниво на премиерите Ковачевски и Петков, Поповски вели:

– Не е губење на време. Ако треба да се преговара и создава нови односи меѓу секторите, луѓето, младите, зошто да не. Тоа беше до скоро но последниве две недели нема политичар во Бугарија кој не тврди дека ветото за Македонија ќе остане, вели Поповски.

Тој ја коментираше новата владина агенда „Европа дома“ која подразбира европеизација на македонското општество и имплементирање на европските стандарди и вредности во секој сегмент од општеството.

– „Европа дома“, е флоскула и таа не е направена се уште ниту во Словачка, Романија, Литванија. Сега со истурање на пари не е направено во овие земји. Сепак добро звучи но не е возможно да го направиме дома со овие ресурси. Мора да направиме некаков одржлив развој кој ќе функционира, вели Поповски.

Тој се осврна и на иницијативата „Отворен Балкан“ меѓу Македонија, Србија и Албанија, регионална соработка на сметка на интеграцијата во ЕУ.

– Отворен Балкан ќе биде замена за одредени работи кои не можеме да ги направиме. Објективно мора да направиме некои чекори. Ако пак Албанија остане блокирана на својот пат кон ЕУ и не и се даде шанса, ќе го поттикнеме пак незадоволството на Албанците во регионот. Во политиката нема фер па затоа може да се случи до крајот на годината да им посакаме среќен пат на Албанците и ние ќе бидеме повеќе насочени кон Србија, а тоа не е вистинскиот пат по кој треба да одиме, смета Поповски.

Во целиот овој изминат период вистински стратешки партнер на Македонија остануваат само САД.

– Се` што Америка ветила за Македонија остварила, се` што ветила Европа делумно остварила. Не сме имале посериозен и поискрен партнер од Америка, дециден е Поповски.

Целата анализа погледнете ја во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот