ВИДЕО | Поминаа 15 години: Најубавите моменти од последниот концерт на Тоше

Тоше Проески со малечко девојче на неговиот последен концерт / 5 октомври 2007 / Фото: ROBERT ATANASOVSKI / AFP / Profimedia

На денешен ден, пред точно 15 години, нашиот непрежален Тоше Проески го одржа својот последен хуманитарен концерт под мотото „Образованието е одговорност на сите“ на Градскиот стадион во Скопје, денешна Национална арена „Тоше Проески“.

Парите од билетите, кои чинеа симболични 200 денари, беа донирани за петгодишниот проект за основно образование финансиран од УСАИД. Со нив беа реновирани околу 100 училишта во Македонија и беа значаен придонес за спроведување на образовните реформи.

„Чест ми е што сум дел од проект од вакви размери и од големи планови за македонското образование. Сите концерти ми се драги, но хуманитарните многу ми значат оти остануваат трајно. Ако се подобри образованието во Македонија, ќе имаме поздраво општество“, изјави Тоше на прес-конференција, непосредно пред концертот.

На прес-конференцијата пред концертот, Тоше истакна дека секогаш ќе се чувствува како Македонец и дека никогаш нема да ја напушти својата татковина.

„На успехот секогаш е залепено зло зашто човечката природа е таква. Се надевам на поддршка од сите за да се справам со злобните луѓе, оти не можам да го направам тоа сам“, рече тогаш Тоше, прилично искрено.

Фото: ROBERT ATANASOVSKI / AFP / Profimedia

Овој концерт беше неговиот трет голем солистички концерт пред македонската публика на Градскиот стадион во Скопје. Тоше, како 26-годишно момче со голема радост за животот, го исполни целиот стадион со својата позитивна енергија. Публиката уживаше, пееше и танцуваше цели два часа, без да биде свесна дека сведочи легендарен концерт.

По завршувањето на концертот, на Тоше и на неговите колеги им беа доделени статуетки „Мајка Тереза“, од истоимената фондација, како знак на благодарност за хуманото дело. Тоше ја предаде својата статуетка на неговата мајка Доминика, за која кажа дека му ја всадила хуманоста од мали нозе.

Тоше, во нас „душа остана“ да те сакаме засекогаш, баш онака како што нѐ сакаше и ти. Ти благодариме за сите убави спомени – никогаш нема да те заборавиме.

Во продолжение, уживајте со убавите моменти од неговиот последен концерт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот