ВИДЕО | Политиката се труди да ги манипулира новинарите, но сепак, говорот на омраза се намалува

фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во Советот на етика и во Здружението на новинарите на Македонија веќе долго време не е поднесена ниту една претставка или реакција за говор на омраза, а од МВР велат дека во 2021 година имало само осум пријави за говор на омраза, што покажува дека новинарите се помалку употребуваат говор на омраза, посебно кога станува збор за националната различност во државава. Тоа, според претседателот на Здружението на новинари Младен Чадиковски, е показател за зрелоста која новинарите се повеќе ја покажуваат кога станува збор за креирање меѓуетнички соживот.

-Не се забележуваат посериозни проблеми и испади или неетички известувања кои се однесуваат на делот на етничкиот предзнак во однос на луѓето за кои се зборува или пишува. Дури и во Здружението на новинарите или во Советот за етика се помалку имало претставки од загрижени граѓани или институции кои имале проблем со ваков начин на известување, што не значи дека не постојат стереотипи и проблеми, меѓутоа мислам дека тие се повеќе присутни во политичката сфера и на социјалните мрежи, вели Чадиковски.

Долгогодишната новинарка и претседателка на Советот на етика, Мира Костиќ нагласува дека новинарите не смеат да ги водат битките за власт на политичките партии.

– Не само кај нас, секаде во светот, преку известувањето на новинарите се водат најголемите битки за политичка власт. Медиумите често се користат за манипулација за постигнување на политичка цел. Ние во Македонија не сме исклучок, но мене лично ми пречи кога се посочува колкав број има Македонци, Албанци и други националности во владината структура бидејќи луѓето треба да се бираат според квалитети, а не според националност. Имам впечаток дека новинарите не прават дискриминација освен ако уредникот не нареди, вели Костиќ.

Таа додава дека и покрај говорот на омраза кој бил многу позастапен за време на конфликтот во 2001 година, солидарноста меѓу новинарите тогаш била најизразена.

– Кога бевме во средините каде доминираше македонско население, ги прикривавме колегите Албанци за да не настане проблем, а тие истото го правеа за нас кога одевме во места каде доминираше албанско население, се потсетува Костиќ.

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека новинарите имаат моќ да влијаат врз креирањето на општественото мислење, а таа можност треба да ја користат за да му покажат на населението дека треба да се намали говорот на омраза.

– Новинарите имаат важна улога во надминување на различностите, а со тоа и во зближувањето на различните нации кои живеат во Македонија. Можноста која им е дадена да влијаат врз креирањето на јавното мислење, мораат да ја искористат во насока кон подобрување на меѓуетничката толеранција. Мојот впечаток е дека новинарите тоа добро го прават. Со позитивниот придонес кој го даваат и добрите пораки кои ги испраќаат се една од најсветлите точки во намалување на говорот на омраза. Од друга страна, во надминувањето на дискриминацијата главна улога треба да има образованието, односно да ги детектира состојбите на дискриминација кои се длабоко вткаени во општеството, вели Кордалов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот