ВИДЕО: Победата на Барселона во сенка на страшната повреда на Араухо

Роналд Араухо доживеа потрес на мозокот/Барселона, Каталонија, Шпанија/10 мај 2022/Фото: EPA-EFE/ALEJANDRO GARCIA

Барселона на домашен терен ја победи Селта со 3-1 во 36 коло од „Ла Лига“. Барса поведе со 3:0 со головите на Мемфис Депај (30 мин.) и Пјер-Емерик Обамејанг (41, 48).

Селта намали во 50 минута преку Јаго Аспас, но само осум минути подоцна гостите останаа без исклучениот Муриљо и тука се зголемија проблемите на Селта.

Победата на Барселона остана во сенка на страшната повреда на играчот на Барселона, Араухо. Во 63 минута дојде до судир со глави на двајца играчи на Барселона.

Во судирот се најдоа играчот од средниот ред Гави и младиот дефанзивец Роналд Араухо, два големи таленти на каталонскиот клуб. По сударот Гави остана да лежи на тревникот држејќи се за глава, а Араухо ја продолжи играта и истрча уште 30 метри, а потоа се случи сцена по која целиот стадион замолкна. Судирот можете да го погледнете ТУКА

Араухо колабираше, изгуби свест и падна на тревникот. Брзата помош веднаш пристигна и фудбалерот на Барса беше префрлен во болница. Веднаш по натпреварот се огласи и Барселона. Клубот најпрвин на Твитер објави дека Араухо е префрлен во болница на тестови, а потоа му испрати порака со поддршка.

– Роналд Араухо доживеа потрес на мозокот и е однесен во болница за дополнително тестирање – информираа од Барса.

Каталонскиот тим со оваа победа практично се зацврсти на второто место зад шампионот Реал Мадрид. На табелата води Реал со 81 бод, Барселона е втора со 72, Севиља е трета со 65, додека Селта Виго е на 11 позиција со 43 бодови.

Видео на денот