ВИДЕО | Пливачка федерација: Секој изгубен ден поради затворениот базен „Карпош“, е неповратна штета за пливачите

Горан Стојановски- претседател на пливачка федерација на Македонија

Тажно е да се види сликата од затворениот базен „Борис Трајковски“ кој од вчера не работи, рече денеска во Утрински брифинг, Горан Стојановски претседател на Македонската национална пливачка федерација.

– Петстотини пливачи во моментов се останати без тренажен процес. Меѓу нив има и репрезентативци кои ја претставуваат Македонија на светски првенства и на Олимпијада. Во наредниот период следат подготовки за светското првенство кое треба во мај да се одржи во Јапонија. Со паузата од две недели која ја најавија од базенот, тренажниот процес ќе отиде во несакан правец, бидејќи пливачите нема да можат да ја одржат својата форма. Тоа значи дека секој ден пауза во пливањето не може да се надополни со еден месец напорен тренинг. Овие две недели пауза ќе направат огромна штета за пливачите. Ние не бараме инстант решение туку трајно решение на проблемот бидејќи секоја зима го имаме истиот проблем. Првите две недели од годината базенот не работи, а никој не може да гарантира дека нема да се повтори дефектот со греењето. Државата треба да почне да се грижи и за овој вид спорт, нагласува Стојановски.

Во моментов нема друга опција каде што би можеле да се пренасочат пливачите, вели Стојановски.

– Капацитетот на Олимписки базен е со функционалност од 20 проценти. Таму работи само малото корито кое има длабочина од 80 сантиметри до 120 сантиметри. Тоа воопшто не е доволно за одржување на професионални тренинзи. Таму исто така тренираат од 150 до 200 пливачи. Кога таму би тренирале и пливачите кои вообичаено тренираа во „Борис Трајковски“ ќе настане хаос. Да не заборавиме и дека пет спортски пливачки клубови и еден ватерполо клуб од Куманово исто така останаа без место за тренинг откако и во Куманово беше затворен базенот, поради енергетската криза. Околу 400 пливачи од Куманово исто така остануваат без можност за тренинг, вели Стојановски. 

-Според него, важно е државата да најде решение за проблемот, бидејќи станува збор за објекти од национален интерес.

Пливачката федерација веќе ги извести институциите за овој проблем, тие реагираа, па според тоа очекуваме што е можно поскоро да го решат проблемот. Дотогаш пливачите ќе останат на суво. Проблемот е посуштински, не се проблем само моментално затворените базени, туку недостигот на базени. Има многу граѓани кои сакаат рекреативно да се занимаваат со овој спорт, поради што се создава метеж во базенот „Борис Трајковски“. Ги очекуваме да се отворат училишните базени кои беа најавувани, со цел да се овоможи рекреативно пливање, додава Стојановски. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот