ВИДЕО | Пендаровски: Неопходен е Закон за вонредна состојба со кој правно ќе бидат уредени сите празнини со кои се соочивме

На иницијатива на Претседателскиот центар за политичко образование, денеска се одржа конференција на тема „Вонредна состојба: научени лекции и идни предизвици”. Конференцијата претставува почеток на поширока дебата на стручната и општата јавност, во однос на потребата на изготвување на Закон за вонредна состојба.

Во своето обраќање на отворањето на конференцијата претседателот Пендаровски се осврна на минатогодишната состојба кога, како што рече, освен со здравствените предизвици, се соочивме со тешка ситуација и од правен и политички аспект. Тој потсети дека во услови на распуштено Собрание и парализа на Владата, институциите се соочија со предизвик за кој подготвен одговор, немаа и многу поразвиени држави.

– Вонредната состојба беше единствениот легален излез од блокадата на институциите, наметната од изборниот процес, во време кога требаше да се организира здравствениот систем за да се спасуваат илјадници животи и да се зачува економската активност со што превениравме општествен колапс, рече претседателот Пендаровски.

Според него, денес државата има поголемо искуство во соочување со здравствената криза. Затоа, како што посочи претседателот Пендаровски, треба да се искористи искуството од минатата година и навремено да го подготвиме поредокот и општеството за можната идна криза.

– Јасно е дека ни е потребен посебен закон за вонредна состојба во кој ќе бидат правно уредени сите празнини со кои се соочивме кога требаше да го организираме системот во нестандардни околности, само врз основа на неколку генерални одредби од Уставот. Притоа е неспорно, барем за мене, дека идниот закон мора да биде продукт од дијалогот меѓу експертите, но и во генералната јавност и да биде донесен врз основа на најширок можен политички консензус, истакна претседателот Пендаровски, осврнувајќи се на опасностите кои ги надминуваат политичките, идеолошките, етничките, верските и социјалните линии на поделба.

– Најмалку што можеме да направиме е следната криза да ја дочекаме институционално поподготвени и со научени лекции од страшното искуство со пандемијата, подвлече претседателот Пендаровски во своето обраќање.

На конференцијата се обрати и министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој истакна дека долгата вонредна состојба и речиси неограничената моќ беше сосема непосакувана состојба во која Владата беше и извршна и законодавна власт.

– Сето ова е во насока на тврдењето дека немањето посебен закон за воена и вонредна состојба е правен недостаток или правна празнина која треба да биде пополнета и дека законот треба да биде дополнителна гаранција и поткрепа на нашите демократски вредности, рече министерот Маричиќ, додавајќи дека Министерството за правда формираше работна група од еминентни експерти и академската заедница, кои во наредниот период ќе работат на подготовка на Нацрт-закон за воена и вонредна состојба. Министерот Маричиќ истакна и дека Министерството за правда изработило и Анализа на искуствата на институциите за време на вонредната состојба и уредбите со законска сила.

Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, на конференцијата нагласи дека најдобро е вакви системски закони да се носат како резултат на поширока дебата, но пред се, како резултат на поширок консензус.

– Се надевам дека ќе покажеме дека со конструктивна дискусија можеме да придонесеме кон унапредување на правната и политичката култура во нашата држава како насушна неопходност после системските кризи низ коишто поминавме и постоечките длабоки општествени поделби, рече професорот Спасов.

Поздравувајќи ја иницијативата, Рената Дескоска, поранешна министерка за правда и редовна професорка на Правен факултет „Јустинијан Први” – УКИМ, изрази уверување дека законот би се донел со поширок консензус и во инклузивна постапка. Навраќајќи се на уредбите со законска сила коишто во услови на вонредна состојба ги носеше Владата рече дека истите се уставна категорија и единствен начин за функционирање на системот во такви околности.

Светомир Шкариќ, редовен професор во пензија на Правен факултет „Јустинијан Први” – УКИМ, истакна дека пандемијата на ковид-19 сите ги натера да размислуваат за алтернативен систем на функционирање. Според него, носењето на законот за вонредна состојба не е само правно прашање и, како што рече, предвид треба да се земат и економските, филозофските и социјалните аспекти.

– Светот се соочува со непознати предизвици и добро е истите правно да се врамат, рече Гордана Силјановска-Давкова, пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија и редовна професорка во пензија на Правен факултет „Јустинијан Први”- УКИМ. Поздравувајќи ја иницијативата за донесување на Закон за вонредна состојба, Силјановска – Давкова укажа на елементите коишто мора да бидат прецизирани во законското решение, односно во вонредна состојба да не се организираат избори, попис или референдуми, бидејќи за овие процеси е потребна мирна политичка состојба.

Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права говорејќи за предметите, коишто до Европскиот суд за човекови права ги поднесуваат поединци и правни лица, а се однесуваат на негативните последици кои ги претрпеле од пандемијата на ковид-19, рече дека како држава ќе извлечеме поуки од добрите и лошите ситуации во време на вонредната состојба, коишто ќе помогнат при подготовка на законот.

На конференцијата говореше и Маргарита Цаца Николовска, судијка во Уставниот суд на Босна и Херцеговина, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права и претседателка на Институтот за човекови права. Според неа, отворени се многу релеватни прашања и предмети за дискусија, потенцирајќи дека законското решение треба да опфаќа повеќе општествени аспекти.

На денешната конференцијата која беше од хибриден карактер, преку платформата zoom се вклучија и дискутираа и Трајан Гоцевски, Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи, Марјан Ѓуровски, Беса Арифи, Јeлена Трајковска-Христовска, Јелена Ристиќ, Денис Прешова, Марко Трошановски, Зоран Дранговски, Гоце Коцевски, Лидија Стојкова-Зафировска и Зоран Јовановски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот