ВИДЕО | Пендаровски: Ако има 61 глас, ќе се оди на избори, но факт е дека на државата ѝ недостига период без избори

Стево Пендаровски / Фото: Скриншот, Фејсбук

Претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека многу тешко ќе се дојде до 61 глас во Парламентот за тој да се самораспушти и да се оди на предвремени избори.

Коментирајќи го барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за предвремени избори, Пендаровски вечерва на гостувањето во „Топ тема“ на телевизија Телма рече дека на државата ѝ недостига период без избори.

– Ако има 61 глас, ќе одиме на избори. Се разбира дека демократски донесена одлука треба да се почитува. Но, факт е дека имавме 5-6 изборни циклуси во седум/осум години наназад и факт е дека на државата и недостасува период без избори, во кој треба да видиме што новите луѓе во новата Влада после Нова Година можат да придонесат, рече Пендаровски.

Во насока на демократизација на внатрепартиските процеси, Пендаровски смета дека е добро да има барем полуотворени изборни листи.

Одговарајќи на новинарско прашање дали им се јавил на новоизбраниот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски за реизборот, Пендаровски рече дека им испратил порака на двајцата.

– Каков претседател на сите граѓани би бил, ако не им се јавам и честитам. Им пратив порака. На господинот Димитар Ковачевски вечерта кога беше објавен резултатот и му го честитав изборот. На господинот Христијан Мицкоски, исто така, доцна попладнето кога беа објавени нивните резултати, му го честитав реизборот на функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Пендаровски.

Прашан дали очекува на неговото годишно обраќање во Собранието да присуствува и опозицијата, Пендаровски рече дека тоа е политичка одлука на пратеничките групи.

– Ми претставува чест дека првпат во 2019 година во целокупната наша историја, една опозициска партија, во тоа време ВМРО-ДПМНЕ, ги призна изборните резултати и присуствуваше на инаугурацијата и давањето заклетва во Парламентот и на првото годишно обраќање понатаму. Тоа се чинови, какви што недостасуваат за да бидеме позрела демократија, без разлика кој е на власт, рече Пендаровски.

Видео на денот