ВИДЕО | Пецаков: Среќен сум за Охрид, се реши најголемиот проблем

Кирил Пецаков градоначалник на Охрид/ фото: Драган Митрески - Слободен печат

УНЕСКО е бренд што Охрид успеал да го привлече, да стане дел од него. Затоа треба да се залагаме, да ги спроведуваме препораките, за да го задржиме статусот што Охрид како древен град го заслужува, смета Пецаков.

Охрид го има решено најголемиот и најгорлив проблем, бидејќи ќе сопре урбаната деградација и градежното дивеење кое му се случуваше на градот и тој правилно ќе се развива, истовремено штитејќи ги неговите вредности како и животната средина, вели во интервјуто за „Слободен печат“ новиот градоначалник на Охрид, д-р Кирил Пецаков, и додава: „Среќен сум за Охрид, иако бев спремен, кога се нафатив да бидам на оваа функција, да трпам секакви притисоци“.

Пецаков, кој на неодамна одржаните локални избори ја доби довербата на охриѓани, вели дека најголемиот и најгорливиот проблем на Охрид, урбаната деградација, почнал да се решава со носењето на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, бидејќи тој дал основа за запирање на урбаната деградација што му се случуваше на овој древен град и на неговата околина.

– Сега, ако треба да се издаде одобрение за градба, ако претходно било предвидено на тоа место да се гради објект со пет ката и поткровје, со искористеност на парцела од 70 отсто, сега Планот вели дека може да има максимална висина од три ката и искористеност од 50 проценти, нам многу ни е олеснета работата, само ни останува да ги следиме препораките – вели охридскиот градоначалник.

Тој очекува новиот Урбанистички план за охридското крајбрежје, кој треба да биде комплетно усогласен со Планот за управување со културното и природното наследство на Охридскиот Регион, како и со препораките на УНЕСКО, да стави крај на узурпацијата што со години му се случува на Охрид. Пецаков појаснува дека сега е усложнет процесот на добивање градежни дозволи, бидејќи во процесот се вклучени и други надлежни институции.

– Ако објектот треба да биде во контакт со заштитено подрачје, потребно е и конзерваторско решение, односно се вклучува и Управата за заштита на културното наследство, Заводот и музеј Охрид, и ништо што е надвор од она што го предвидува Планот, не може веќе да се случи бидејќи сега процесот не зависи само од Општина Охрид – вели охридскиот градоначалник.

Тој е уверен дека сега ниту тој ниту некој иден градоначалник не би имале повеќе притисоци за да се дозволи нешто да се гради.

Иако Пецаков инсистира на тоа дека проблемот со дивоградбите достигнал загрижувачки тренд последниве 4-5 години, кога има 500 регистрирани нови дивоградби, тој признава и дека урбаната деградација на охридското крајбрежје почнала многу порано, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, некаде во 2005 година, за да добие интензитет во 2009 и 2010 година.

Според Пецаков, проблемот се појавил „бидејќи ние градот досега не сме успеале урбанистички да го решиме, не знам од кои причини. Да имавме ГУП, ќе немавме дивоградби“.

– За мене како градоначалник не е толку битно колку дивоградби се создале претходно, зад секоја од нив си има име, презиме, туку колку ќе се создадат отсега. Моја одговорност е урбаното дивеење да не биде дел од секојдневието во Охрид – додава Пецаков.

Според него, Охрид мора да се бори за да го сочува статусот на УНЕСКО подрачје.

Кирил Пецаков градоначалник на Охрид/ фото: Драган Митрески – Слободен печат

– УНЕСКО е бренд што Охрид успеал да го привлече, да стане дел од него. Затоа треба да ги спроведуваме препораките за да го задржиме статусот што Охрид како древен град го заслужува – смета градоначалникот.

Пецаков најави и враќање на гранитните плочи во добар дел од историското јадро на Охрид, за враќање на автентичноста на чаршијата, во зависност од тоа колку пари ќе има Општината. Прво ќе се обнови плоштадот кај Чинарот.

На прашањето зошто на почетокот на мандатот се нафати да го проширува булеварот „Македонски просветители“ поради што треба да се исечат дури 72 дрвја, Пецаков вели дека разбира зошто јавноста е толку чувствителна на темава, но дека станува збор за проект почнат од претходната градска управа, дека е финансиран од Светска банка, поради што течат рокови за негова реализација, како и дека дрвјата, според процена на овластено лице, во голема мера биле стари и болни.

– Вкупно на булеварот има 49 липи, 13 костени и 10 млади јавори, од кои јаворите и уште други десет здрави дрвја ќе бидат пренесени на друга локација. За останатите, можете и самите да се уверите, повеќето се во лоша состојба. Наместо нив ќе бидат засадени нови, ќе бидат постари од шест години и ќе бидат со двоен вкупен пречник од исечените дрвја – вели Пецаков.

Прашина крена и неговата изјава дека нема дивоградби на охридските плажи, но тој појаснува дека се работи за погрешно пренесена изјава.

– Плажите што биле издадени под концесија биле со решенија и дозвола од надлежни институции, се плаќала закупнина, е сега што им истекол договорот, а се оставени да функционираат така од 2017 година, тоа е друга работа. Платформите во вода, дел од нив се отстранети, за преостанатите секако дека ќе постапиме заедно со другите одговорни институции. Плажите секако не можеме да ги оставиме сами од себе да се одржуваат и да функционираат бидејќи Општина Охрид не може сето тоа сама да го менаџира. Беше објавен јавен повик за идниот изглед на плажите и сметам е дека тие треба да бидат изградени со природни материјали, во склад со околината, со дел за слободно користење на плажата. Во иднина само договорите за закуп на плажите ќе бидат издавани година за година – најавува Пецаков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот