ВИДЕО: Паркингот на Клинички вратен во нормала, нема трага од „рекетарите“

Вообичаена слика, со по некое слободно место регистрира денеска екипата на „Слободен печат“ на паркингот во кругот на Клиничкиот центар. Потрагата по паркинг место сега е вратена „во нормала“ откако пред два дена беше објавено видео на кое може да се забележат диви препродавачи на паркинг места, на кои доколку им се плати одреден износ ги тргаат своите возила и ослободуваат простор.

Според реакциите, луѓе во мака кои имале потреба од здравствена услуга во клиниките кружеле и по половина час за да дојдат до место и не ја искористиле „услугата“ на добро координираната група. Денеска состојбата е поразлична, откако „Градски паркинзи“ решија да прават засилена контрола преку пајак службата и да ги отстранат возилата кои намерно зафаќаат слободни места.

Дел од граѓаните што ги затекнавме велат дека биле запознаени со ваквата ситуација, но сега воопшто не се соочиле со таков проблем.

-Лесно најдов паркинг, особено што го отворија и паркингот пред Гинекологија. Порано имав налетано на оние што продаваат сунѓерчиња и нудат да им купам нешто за да ослободат место.

– Доаѓам од Битола тука и за среќа ретко. Не ми се случило досега да не најдам место. – Има паркинг, се наоѓа…, велат возачите што се паркираа на Клиничкиот центар.

Како главни актери за измамничката шема беа посочени лица на возраст од 25 до 40 години кои воедно се и продавачи на дивите тезги што се наоѓаат во непосредна близина.

Иако се обидовме да добиеме одговор од дел од тезгаџиите кои продаваа најразлични ситници, тие не сакаа да зборуваат пред камера и воедно негираа дека тие или нивни колеги се виновни за ситуацијата. Според кажувањата, на жртвите кои бараат паркинг, пак, за да добијат место на паркингот им било побарано да купат производи како парфем или еленска кожа, чија сума варирала од 50 до сто денари.

Ваквата појава претходно ни ја потврди и директорот на ЈП „Градски паркинзи“, Борче Јакимовски, кој ни кажа дека со овој проблем се соочуваат веќе три години, но во последно време ‘понудите’ се интензивирале.

Јакимовски тврди дека неколку пати досега поднеле пријави до МВР и полицијата била запознаена со случувањата, а последната во низа пријава ја поднеле токму вчера, откако видеото се прошири на социјалните мрежи. Иако вели дека знае дека станува збор за пет-шест лица кои меѓусебно се познаваат и добро соработуваат, не упати во МВР, но оттаму веќе втор ден молчат. Нема одговор на нашите прашања дали постапуваат по пријавата и дали им е познат идентитетот на „рекетарите“.

ВИДЕО: Три години глумат редари на паркингот на Клинички, наплаќаат пари, а полицијата не реагира

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот