ВИДЕО | Пандемијата сепак не ги спречила: Се венчале на граница бидејќи родителите не можеле да влезат во САД од Канада

Фото: Принтскрин / Instagram

Карен Махони и нејзиниот нов сопруг, Брајан Реј, изјавиле за Си-ен-ен дека се запознале пред 35 години поради љубовта кон скијањето и кога конечно се свршиле во март, инструкторите по скијање не сакале да чекаат да се венчаат. Но, Карен рекла дека само една работа ѝ била важна: на венчавката да присуствуваат нејзините родители и 96-годишната баба.

Кога сфатила дека нејзиното семејство нема да може да дојде на венчавката поради ограничувањата поврзани со ковид-19, Канаѓанката Карен Махони и нејзиниот свршеник Брајан Реј ја одржале церемонијата на самата граница помеѓу Канада и САД.

– Единствено ми беше важно моите родители и мојата баба, која има 96 години, да присуствуваат на венчавката, да се присутни на најсреќниот ден во мојот живот. Најважниот дел од денот беа ветувањата што си ги дадовме еден на друг и сакавме и моите родители и баба да бидат сведоци на тоа – рекла Карен.

Таа објаснила дека САД ги ограничиле „помалку значајните“ патувања на копнените премини со Канада со почетокот на пандемијата и тие гранични ограничувања ги прошируваат на месечна основа.

– Воздушниот превоз помеѓу земјите е можен, но иако моето семејство е вакцинирано, тие се во ризик, особено баба ми со оглед на нејзината возраст – рекла Карен, додавајќи дека имаат пријател кој работи за граничната патрола и кој им помогнал сѐ да организираат, а сепак, да се испочитуваат ограничувањата.

Сите се сретнале на границата надвор од градот Бурк во државата Њујорк на 25 септември. Церемонијата ја организирале на место коешто повеќе наликува на ливада отколку на граничен премин.

Помеѓу нив немало ограда, но секој се стоел на својата страна – тој, таа, неговите родители, блиските пријатели и службеникот кој ги венчал стоеле на тлото на САД, а нејзиното семејство на канадското. Карен успеала накратко да ги прегрне, а никој не можел да се воздржи, а да не заплаче.

Младенците по венчавката изјавиле дека тоа за нив било исклучително емотивно искуство. Двајцата плачеле.

– Плачев бидејќи знаев колку ѝ значеше тоа што нејзините родители и баба беа таму – рекол Брајан.

Карен и Брајан се запознале пред 35 години кога ја научил да скија. Останале пријатели, а во меѓувреме, двајцата стапиле во брак со други партнери и имаат по две деца. Пред 10 години, Реј ги научил нејзините деца да скијат, а потоа и двајцата се развеле од своите партнери.

Биле во врска неколку години, а Брајан одлучил да ја запроси во март оваа година. Тоа го направил на врвот на планината во Вермонт, бидејќи и двајцата се големи вљубеници во скијањето.

Беше совршено. Засекогаш ќе го паметам тој ден, рекла Карен, пренесе Си-ен-ен.

 

 

Видео на денот