ВИДЕО | „Ова сум вистинската јас“: Сиа откри дека е во аутистичниот спектар

Сиа / Фото: EPA/WAEL HAMZEH

Две години откако се извини за начинот на кој беше прикажан аутизмот во нејзиниот филм „Music“, австралиската пејачка Сиа Фурлер откри дека и самата е во аутистичниот спектар, пренесе „Би-би-си“.

За време на гостувањето во „Rob Has a Podcast”, поткаст посветен на американското реално шоу „Survivor“, ѕвездата рече дека нејзината дијагноза ѝ донела чувство на олеснување.

„Цели 45 години си велев: ‘Мора да го ставам мојот човечки костум’, но во изминатите две години јас станав вистинската јас“, откри Сиа.

Покрај пеењето, Сиа е истакнат текстописец, а нејзините песни „Chandelier“, „Titanium“ и „Cheap Thrills“ веќе важат за музички евергрини.

Сиа во 2014 година / Фото: EPA/PETER FOLEY

Но, во 2021 година се испроба и како режисерка на филмот „Music“, мјузикл за жена која станува единствена негувателка на нејзината полусестра, тинејџерка со невербален аутизам.

Тогаш јавноста ја искритикува Сиа поради тоа што ѝ ја даде главната улога на Меди Зиглер, девојката која се прослави со танцувањето во нејзините спотови и не се наоѓа во аутистичниот спектар.

Сиа, која во минатото имаше проблем со алкохолизмот, проговори и за борбата со зависноста.

„Никој не може да те знае и да те сака кога си полн со тајни и живееш со срам. Дури кога ќе седнеме во соба полна со непознати лица и ќе им ги кажеме нашите најдлабоки, најтемни, најсрамни тајни и сите ќе се насмеат со нас, а ние за првпат во животот нема да се чувствуваме како ѓубре, туку ќе бидеме вистински видени, тогаш можеме да зачекориме во светот и да започнеме да функционираме како луѓе со срца без да се преправаме дека сме нешто друго“, изјави таа во поткастот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот