ВИДЕО: Ова се најмоќните криминални картели, стојат зад убиства, киднапирања и трговија со дрога

Фото: Yuri CORTEZ / AFP / Profimedia

Познати се по својата бруталност и насилство, а тргуваат со дрога, оружје, луѓе, вплеткани се често и во легални бизниси и прават големи пари. Од Токио до Латинска Америка, од Балканот до Москва, мафијашките групи се секогаш во фокусот на вниманието и на медиумите, на полицијата и на безбедносните служби. Еве кои се најмоќните криминални групи во светот, подземје кое со своето богатство може да купи цели влади па и држави.

Во Мексико картелот Синалоа

По мексиканската сојузна држава Синалоа овој моќен картел го доби името. Водач на криминалната банда беше Хоакин Гузман Лоеара, попознат како Ел Чапо. Бандата беше озлогласена по бруталноста и насилството. Ел Чапо повеќе пати бегаше од затвор, а потоа во 2019 година е осуден до крајот на животот да остане зад решетки во САД.

Фото: EPA-EFE/JOSE MENDEZ

Картелот криумчареше кокаин, марихуана, метамфетамин и хероин, по копно и под земја преку тунели во САД, најчесто преку Аризона. Активни биле и во мексиканските држави Долна Калифорнија, Дуранго, Чивава и Сонора.

Халиско – нова генерација на наркопазарот

Овој нарко картел владее со територијата на западот, главно во регионот Тера Каљенте. Основан е во 2010 година и важи за еден од најагресивните конкуренти на картелот Синалоа. Станува еден од најдоминантните во земјата и има имот вреден над 20 милијарди долари.

На чело на картелот е Рубен Осегуера, познат и како Ел Менчо, поранешен полицаец кој е најбаран човек во Мексико. Картелот Халиско е еден од главните дистрибутери на синтетички дроги на тој континент. Репутацијата ја стекна со низа напади врз силите за безбедност и бројни фунционери.

Јапонија го има Јамагучи-гуми

Јамагучи е најголемата јапонска група од Јакуза, со своја база во Кобе од каде и потекнува. Позната е по трговијата со дрога, оружје, недвижности, коцкање и рекет. Вклучени се и во манипулации на берзите. Важат за една од најголемите криминални организации во светот. Според податоците на Националната полициска агенција, имала околу 8.200 активни членови кон крајот на 2020 година.

Оваа група го добила името по основачот Харуки Јамагучи кој бил поврзан со работничкиот синдикат на пристаништето во Кобе. Членовите на оваа банда важат за најбогати гангстери на светот, кои годишно заработуваат милијарди долари.

Братството од Русија

Терминот „руска мафија“ опишува голем број криминални братства, од кои најголемото е од областа Солнцево во предградието на Москва. Познато е дека групата има врски со Семион Могиевич, еден од најмоќните криминалци.

Оваа криминална банда е основана кон крајот на 1980 -тите години од Сергеј Михајлов, поранешен келнер кој издржувал затворска казна за измама. Бандата регрутирала локални невработени, агресивни млади мажи. Областа Солнцево е стратешки лоцирана во близина на автопатот М3 што води кон Украина, како и меѓународниот аеродром Внуково. Ова значеше групата да се вклучи во увозот на автомобили.

Кон крајот на 1990 -тите, оваа банда почна да вгнездува во банкарскиот сектор, што им овозможи да ги перат своите пари, како и да се приближат до олигарсите. Во текот на таа деценија, бандата испрати свои луѓе во САД. Групата беше активна и во Израел, главно преку перење пари. Соединетите држави еднаш објавија дека оваа група продолжува со рекетирање под заштита на руската безбедносна служба ФСБ.

Мафијата во Италија

Ндрангета е мафијашка група од Калабрија која ги засени блиската сицилијанска Коза Ностра и наполитанската група Камора и стана една од најголемите во светот. Познато е дека Ндрангета е најпозната по трговијата со кокаин. Американскиот дипломат оцени дека активностите на криумчарење, изнудување и перење пари на оваа група сочинуваат најмалку три проценти од италијанскиот БДП во 2010 година.

Според италијанскиот институт Еуриспес, „Ндрангета заработува 300-350 милиони евра неделно од трговија со дрога. Познати се и по киднапирања за откуп, собраа милиони долари од чекови. Се проценува дека речиси 700 луѓе биле киднапирани во текот на 30 години. Оваа група исто така се инфилтрираше во секторот за недвижности и јавни работи.

Семејството Абергил од Израел

Групата Абергил е еден од најголемите светски извозници на екстази во САД и други делови на светот, а тие се познати и по коцкање и проневера, како и перење пари, изнуда и убиства. Групата беше предводена од Јаков Абергил до неговата смрт во 2002 година, а потоа групата премина во рацете на Исак Абегил и неговите браќа Меир и Аврам.

Тие се сметаа за една од шесте главни келии на организираниот криминал во Израел и една од 40 -те најголеми светски увозници на дрога во САД. Според израелската полиција, семејството било на врвот на моќта во јуни 2004 година. Организацијата ја водеа 37 компании, имаа 38 станови и 56 автомобили.

Албанска мафија

Албанска мафија е термин што се користи за криминални активности на група со седиште во Албанија или чии членови се етнички Албанци. Тие се активни во Европа, Северна и Јужна Америка, како и на Блискиот Исток и Азија.

Албанската мафија е вклучена во разни криминални активности, меѓу кои и трговија со дрога, оружје и луѓе. Се вели дека тие контролираат голем дел од пазарот на кокаин на големо во Европа и се чини дека се примарни дистрибутери на кокаин во различни европски центри за наркотици.

Само во Албанија има над 15 мафијашки семејства кои доминираат. Најмоќни се Халка, Керкику Чауши, Каками, Шеху и Хасани. Албанските мафијаши обично блиску се врзуваат и со политичарите во земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот