ВИДЕО: Отворена порака од пензиониран полковник на руската државна телевизија

Михаил Ходарјонок
Михаил Ходарјонок / Скриншот, Твитер

Да не се лажеме, Русија е целосно изолирана, Украина ќе има милион луѓе под оружје

Вперувањето проектили кон Финска е смешно, а стратезите во Москва треба да имаат на ум дека наскоро ќе војуваат против 1 милион Украинци под оружје и со многу висок морал, спремни да загинат бранејќи ја својата земја. Ова, во дебатна емисија на Првиот канал на руска државна телевизија го кажа влијателниот руски пензиониран полковник Михаил Ходарјонок, кој важи за еден од најценетите одбранбени аналитичари и колумнисти.

Ходарјонок жестоко ја критикуваше стратегијата на руската воена кампања, не навлегувајќи во причините за интервенцијата и воздржувајќи се од директни критики кон политичкото раководство во Кремљ, поради што веројатно и не бил цензуриран од строгата пропагандна машинерија.

Ходарјонок го критикуваше и известувањето за борбите на фронтот и градењето „победничка атмосфера“, укажувајќи дека „не треба да ги ублажуваме информациите“ со извештаи за „паднат морал во украинската армија“.

– Главната работа во нашата професија е да го задржиме чувството на воено-политички реализам. Ако одите преку тоа, порано или подоцна, реалноста на историјата ќе ве погоди толку силно, што ќе зажалите – изјави пензионираниот полковник пред збунетите соговорници и водителката на дебатата на државната телевизија „Русија 1“.

Коментирајќи ги извештаите дека украинските војници се соочуваат со пад на моралот и дека не се финансирани, Ходарјонок истакна дека тоа се „изолирани случаи“.

– Секое прашање треба да се разгледува во целина, од севкупна стратегиска позиција и пожелно е да се има предвид стратегиската ситуација во блиска иднина. Прво, морам да кажам, е да не ги ублажуваме информациите, бидејќи информации се шират за некаков морален и психолошки колапс на моралот во украинските оружени сили, кои наводно се на работ на некаква криза на моралот и така натаму. Сето тоа, благо речено, е лажно. Секако дека има случаи, воени заробеници и одредени единици, но тоа се изолирани случаи – изјави пензионираниот полковник.

Моралот е пресуден за победа

Тој додаде дека со секој поминат ден од војната се зголемува количеството оружје што од западните земји пристигнува во Украина и дека рускиот непријател станува сѐ помоќен.

– Ситуацијата од севкупна стратегиска позиција е дека украинските оружени сили се способни да вооружат милион луѓе. Тие си велат: „За нас не е проблем да мобилизираме милион луѓе“. Прашање е до кое ниво тие можат да ја опремат армијата со модерно оружје и опрема. Тие самите, се разбира, не ќе можеа да направат ништо… И, имајќи предвид дека ќе пристигне европската помош, значи во многу блиска иднина, за реалност ќе треба да се сметаат 1 милион вооружени украински војници. Тоа треба да го имаме предвид во нашите оперативни и стратегиски калкулации. Ситуацијата во овој контекст, за нас, искрено, ќе стане полоша – предупреди Ходарјонок.

Тој ги отфрли забелешките од водителката дека украинските сили имаат само мал број „професионални“ војници и дека се потпираат на резервниот состав.

– Нивото на професионалност на армијата не е одредено од бројот на тие што се регрутирани за професионална служба, туку од нивото на обука на персоналот, од моралот и од спремноста да пролеат крв за татковината. Тоа го одредува нивото на професионалност. И регрут може да биде професионален. Начинот на кој се регрутира никогаш не го одредува нивото на професионалност на армијата. Патем, во нашата земја е догма длабоко всадена во умовите од некои воени експерти е дека професионалци се само платени војници. Далеку од тоа. Но, волјата да се брани татковината постои во Украина. Таа навистина постои таму, тие се спремни да се борат до последниот човек… Како што говореа класиците на марксизмот и ленинизмот, а за ова не беа глупави, победата на бојното поле ја решава високото ниво на моралот на луѓето што леат крв за идеите за кои се спремни да се борат. Ситуацијата сега е таква – изјави Ходарјонок.

генерална проба воени хеликоптери москва русија 9 мај
EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Не мавтајте со проектили кон Финска

Пензионираниот полковник ги предупреди руските генерали да не ѝ се закануваат на Финска со проектили, туку нејзината одлука да се придружи кон НАТО да ја сфатат како засилена изолација на Русија.

– Да ја погледнеме ситуацијата од севкупна стратегиска позиција. Не мавтајте со проектили насочени кон Финска. Тоа, можеби, делува впечатливо. Но, главниот пропуст во нашата воено-политичка позиција е дека на некој начин ние сме во целосна геополитичка изолација и дека, колку и да мразиме да го признаеме тоа, речиси целиот свет е против нас. И ние треба да се извлечеме од таквата ситуација – предупреди одбранбениот аналитичар.

Некои аналитичари на Западот сметаат дека оценките од полковникот, кои се дијаметрално спротивни од оние што ги изразуваат официјалните лица, може да послужат за „омекнување“ на приказната што ѝ се сервира на руската јавност дека „специјалната операција во Украина се одвива според планот“.

Неговите забелешки се поклопуваат со извештаите од Киев и од разузнавачките заедници на западните земји дека речиси целосно е запрена офанзивата на руските сили во Украина. Тие пред повеќе од еден месец веќе се откажаа од обрачот што го стегаа околу Киев и целосно се повлекоа од северниот дел на Украина, а деновиве беа потиснати и од фронтот кај Харков и се вратија на руска територија. Во понеделникот бил одбиен обид на руски сили повторно да продрат на украинска територија околу градот Суми.

Речиси три месеци по почетокот на воената инвазија, тие сѐ уште не ја контролираат целосно територијата на сепаратистичките региони Доњецк и Луханск. Британското Министерство за одбрана пред неколку денови објави дека Русија веројатно веќе изгубила една третина од копнените сили со кои во февруари ја почна инвазијата врз Украина.

донбас карта

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот