ВИДЕО | Oтчет на екс министерот Филипче: Заминувам горд на сработеното, го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници

Отчет на екс министерот Венко Филипче/Фото: Скриншот
Екс министерот за здравство Венко Филипче одлучи преку видео порака на граѓаните да им се обрати за сработеното во неговиот четиригодишен мандат во ресорот здравство. Тој во оваа прилика не ја спомена трагедија од 8 септември минатата година во тетовската модуларна болница кога во пожар загинаа 14 пациенти, по што тој најави оставка која не му беше прифатена од тогашниот премиер Зоран Заев.

-Ми беше чест и задоволство во изминатите 4 години да ви служам. Заедно поминавме многу во историски најтешкиот период за македонското здравство. Поддршката која ја добивавме јас и моите колеги ни даваше сила да продолжиме напред и да ја водиме битка со пандемијата. Одново да се бориме за секој живот и да се грижиме за здравјето на секој пациент. Но, и покрај сите предизивици со глобалната ковид криза, успеавме да направиме темелни промени во здравството и да реализираме инвестиции на кои сум навистина горд. Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40%, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат. Верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат, вели Филипче во своето видео обраќање.

Тој смета дека како министерство во неговиот мандат се водела грижа за сите пациенти подеднакво како и за оние кои порано беа игнорирани и заборавани.

-Обезбедивме лекови за пациентите со ретки болести. Нема ниеден пациент без достапен лек затоа што секој човек е важен, а воспоставивме и регистар за ретки болести. Нашата земја конечно нема лекови од паралелен увоз, ги укинавме и квотите, и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време. Дијабетичарите имаат конечно достапен врвен инсулин, а за децата со дијабет обезбедивме средства за набавка на безболни апарати за мерење на гликемија. И покрај економската криза, инвестициите во здравството не запреа. За четири години реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од било кога во минатото. Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали кои се опремени по највисоки светски стандарди. Отворени се нови центри и оддели во рамки на болниците и пациентите сега ги добиваат услугите онаму каде живеат. Набавивме медицинска опрема која овозможува операциите, за кои порано пациентите одеа во странство, сега да ги правиме дома. Набавивме најсовремени апарати, 9 компјутерски томографи и 7 магнетни резонанци. Ова претставува најголемо вложување во клучна апаратура во историјата на нашето здравство. Особено сум горд на вложувањето во здравјето на нашите најмили- децата. Со нова апаратура по светски стандарди, но и посветеност и личен развој на колегите од Гинекологија, успеавме да ја намалиме новороденечката смртност за три пати. Малите борци кои се раѓаат порано сега имаат врвна нега и светски услови за раст и развој, вели Филипче.

Тој потсети дека во текот на пандемијата покрај неизвесноста и тагата,  се случија и убави нешта, а тоа се првата трансплантација на срце како и трансплантација на коскена срж.

– Пандемијата донесе многу неизвесност и тага оставајќи трајни последици и промени во нашите животи. Но, овој период ќе го паметиме и по убави нешта. Во екот на пандемијата ја изведовме првата успешна трансплантација на срце, а потоа изведовме уште 5 со што е направен историски чекор во македонската кардиологија. За првпат направивме и трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител што е уште еден голем дострел на македонското здравство. Горд сум на сите посветени колеги кои почнаа да применуваат нови методи на работа и изведуваат најсовремени операции. Имаме нови методи за лекување на пациенти со мозочно крварење, нов третман на епилепсија и нови неинвазивни методи за лекување на Кардиохирургија, нагласува Филипче.

На крајот на своето обраќање тој им се заблагодари на граѓаните за довербата, како и за критиките кои ги добиваше во мандатот како министер за здравство.

-Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека се што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму, дециден е екс министерот Филипче кој се враќа на своите работни обврски на Клиниката за неврохирургија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот