ВИДЕО | Османи: Северна Македонија ги има исполнето условите, алармот е подигнат во секој главен град во ЕУ

Денеска е долгоочекуваната посета на премиерот во Париз каде што ќе имаме работна вечера со претседателот Макрон и мислам дека е навремена и многу важна посета. Јас потоа продолжувам една турнеја со посети бидејќи активностите се зголемуваат во текот на јуни, во пресрет на јунскиот Самит, животот се враќа во нормала после пандемијата, па сите самити и конференции се оддржуваат со физичко присуство, изјави во Утрински брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Има зголемена активност и јас често велам дека во секој главен град во ЕУ чувствувам дека алармот е подигнат и кредибилитетот на процесот на проширување влегува во критична точка, посебно на случајот со Северна Македонија. Тоа им е јасно на сите, и секој се труди да даде свој придонес, односно чекор да го спаси тој кредибилитет, бидејќи многу е вложено во тој кредибилитет и токму тој е движечка сила во регионот, додава Османи.

Во текот на минатата година имаше едно чувство дека ова прашање ќе се реши со активност на германското претседателство, но сега во оваа половина на годината гледам ангажман од многу земји членки, од пријателите на проширувањето, кои сметаат дека ова е од витално значење не само за регионот туку и за самаа ЕУ.

„Нашата порака е јасна – ние ги имаме исполнето условите, тоа го имаат констатирано сите објективни извештаи на релевантните тела и дека е конечно време Северна Македонија да ги почне преговорите, бидејќи кредибилитетот на самиот процес е под сериозен тест. Мислам дека Франција со последните пораки е сериозен поддржувач на овој процес, очигледно дека проблемот е со Бугарија и целата енергија и сите карти ги ставаме на јунскиот Самит. Но тука не сакам да ги кренам очекувањата на граѓаните. Тешко е нема јасен мандат во Бугарија, има разлики, но наше е да работиме. Ние имаме обврска, консензуална одлука на граѓаните кои сакаат ЕУ и наше е да направиме се што можеме за да ја оствариме таа нивна желба, но очигледно не зависи се од нас“, смета Османи.

„За жал на нашиот пат билатералните прашања беа пречка. Ние 16 години сме со кандидатски статус заради билатерални прашања. Во однос на критериумите земјите членки се стриктни и најголемите пријатели на државата во делот на владеењето на правото, реформите тие ќе бидат стриктни. Како што знаат Холанѓаните често да кажат – Стриктни, но фер и ние тоа го сакаме, сакаме засилен мониторинг кој ни помага тука да ги направиме реформите. Нас ни пречат прашања кои што немаат поврзаност со европскиот процес, инаку ако беше до исполнување на реформи, Копенхашки критериуми, политички, економски, и доколку не сме ги исполниле условите тоа е прашање на посветеност, со кое ќе се соочиме во текот на преговорите. Тоа што сметаме дека е нефер кон нашето досие е што прашања неповрзани со ЕУ нас ни се пречка веќе 16 години но нема алтернатива на тој пат. Но, интересот да следните генерации бидат во ЕУ е многу поголем од фрустрациите кои ги чувстува оваа генерација во текот на пристапувањето, истакна Османи.

Декретот на Бајден

„Декретот на претседателот Бајден е многу важен настан за самиот регион, да не претерам со квалификацијата историски, но јас би го одбележал тој ден, затоа што основната порака на таа наредба е нема враќање назад, одиме напред. Таму се спомнува Дејтон, се спомнува влегувањето на НАТО во Косово преку резолуцијата 1244, се спомнува Преспа, се спомнува Охридски рамковен договор. Значи се става црта на сегашната позиција на Балканот и можеме само напред во тој процес и тоа многу важно во канализирањето на енергијата, бидејќи очигледно почнаа ретроградни енергии, ревидирање на политики. Со ова се става брана на таквите ревизионистички пристапи, и фокусот на сите во регионот е напред и тоа многу важно“, смета Османи и додава дека изворот на проблемите во Балканот е што луѓето со едно око гледаат кон иднината, а со другото кон минатото и тоа ги збунува во движењето.

Целиот разговор со министерот Османи погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот