ВИДЕО: Општината ќе го асфалтира патот во населбата Попова Шапка, ако дадат пари сопствениците на викендички, од општинскиот буџет ќе се пополнуваат само дупките

Илјадниците туристи од викенд населбата Попова Шапка и оваа и наредната сезона ќе се соочуваат со овој катастрофален руиниран пат.
Целата патна инфраструктура околу викенд населбата на туристичкот центар е со дупки и нерамнини, без фекална и атмосверска канализација.
„Вака е со децении. Секоја година ветуваат особено пред избори дека ќе се среди патот, но на терен нема ништо. Сега во летниот период некако можеш да се разминеш со возило, но на зима е катастрофа, огромни дупки има и патот се лизга, да ти се одмили да доаѓаш тука. Па, барем дупките да ги пополнат, ако не можат да направат реконструкција на патот“, вели еден сопственик на викендица на Попова Шапка кој сакаше да остане анонимен.
Од Месната заедница Попова Шапка, велат дека очекуваат до крајот на неделава да отворат жиро- сметка. На тој начин и формално – правно во координацијата со институциите ќе можеме да помогнеме за повеќе инфраструктурни зафати во викенд населбата.
„Во преговори сме со општината со наши можности, но и со нивни да се среди патот. Ќе се обидеме да го забрзаме процесот на легализација на објектите на Попова Шапка. Со парите од легализација, но и со самопридонес, односно со финансиска помош од сопствениците на викендичките да се реконструира патот. Не верувам дека годинава тоа ќе се реализира, но ќе видиме, вели Авзи Ризвани претседател на Месна заедница Попова Шапка.
И од Општина Тетово потврдуваат дека се разгледуваат опциите за уредување на инфраструктурата, заедно односно со помош од сопствениците на викендичките. Во меѓувреме најавуваат дека со општински средства, ќе ги пополнат дупките на патот низ викенд населбата.
„Разговараме со сопствениците на викенд куќите, кои имаат волја за соработка со Општина Тетово за да се најде заеднички јазик и да биде заедничка инвестиција, имаше неколку средби, но засега немаме конкретен договор, разговорите продолжуваат. Имаме во сила договор за покривање на ударни дупки. Ќе видиме и со други средства да интервенираме пред почетокот на сезоната“ ,вели Мемет Јонузи од Секторот за општински дејности при Општина Тетово.
Попова Шапка е една од најпосетуваните туристички дестинации во зимскиот период. На лето природата има што да понуди, чист и свеж возух, места за прошетки и рекрација, планинарење, но лошата инфраструктура како таа во викенд населбата ги одвраќа туристите да го посетуваат центарот.