ВИДЕО | Одбраната тврди: Камчев беше киднапиран, одлуката за притвор е нелегална и нелегитимна

Фото: Слободен печат / Ристе Пејовски

Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев, осомничен за случајот „Плацеви на Водно“ смета дека се повредени неговите уставно загарантирани права и слободи бидејќи доказите со кои му е одреден притвор од 30 дена се „прибавени на незаконит начин и поради тоа на нив не може да се заснова судска одлука“.

Одбраната иако не го добила единствениот доказ врз кој е изречен притворот за Камчев и кој се води како „државна тајна“ од страна на судија на претходна постапка дознава дека марката притвор за Јордан Камчев е изречена поради соработка со бугарски агенти и план за бегство.

– Информацијата од АНБ на РСМ од 14 март 2021 година која е доставена и предложена како доказ кон Предлогот за изрекување мерка притвор, е незаконска и треба да биде отфрлена како доказ. Таа никогаш не е доставена до одбраната и е единствениот доказ на кој се темели притворот на Камчев, рече адвокатот Тони Менкиновски кој нагласи дека АНБ ако навистина имала докази за неговото наводно бегство требало да ја запази законската процедура и да го извести Бирото за јавна безбедност, а потоа БЈБ да го извести јавниот обвинител.

Според Менкиновски АНБ постапила надвор од своите законски овластувања кои се однесуваат исклучиво на шпионажа, тероризам и насилен екстремизам, а дека сомневање за такво дејствување во случајот на Камчев не постои, според одбраната, покажува и изјавата на премиерот Заев кој имал увид во извештајот на АНБ и заклучува дека Камчев не планирал бегство со бугарски агенти.

-Без презентирање на докази и прецизно објаснување на причините Камчев е лишен од слобода, нагласува Менкиновски и притворањето го нарече „киднапирање“, а условите во притворот „класична тортура“.

Токму затоа одбраната на Камчев денеска ќе поведе постапка за утрдување на незаконитост на докази и согласно со членот 12 и член 93 од Законот за кривична постапка и смета дека сите докази прибавени на незаконски начин не можат да се користат на суд.

-Останува нејасно како господин Камчев ја загрозува безбедноста на државата и претставува закана за националната безбедност на државата за да биде следен од 12 до 14 февруари годинава како и да биде изготвена службена белешка со таа содржина, прашува Менкиновски.

Адвокатот побара ослободување на Камчев од притвор и апелираше до македонските судови да донесат законска одука наместо да чекаат Европскиот суд за човекови права да ја прогласи за нелегална одлуката со која Камчев моментално го завршува 30-дневниот притвор и е во очекување на продолжување на мерката.

Камчев, вели Менкиновски во притворот пет дена бил оставен без вода за пиење и без санитарна вода, што е „крајно нечовечки и нехумано“ и довело до загрозување на неговото здравје како и на неговите основни и загарантирани човекови права.

За случајот „Плацеви на Водно“ освен Камчев, осомничен е и поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот братучен Сашо Мијалков, неговиот поранешен кум Новачевски како и Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева, мајка на бизнисменот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот