ВИДЕО | Николовски: Првичните трендови покажуваат дека СДСМ ќе победи во многу општини

Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ, Фото: Слободен печат

Имавме мирен и достоинствен изборен процес. Им честитам на институциите за успешниот изборен ден, изјави на првата прес-конференција по затворањето на изборачките кутии, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

– Првпат се соочивме со предизвикот гласање со отпечаток, но потсетуваме тоа беше барање на ВМРО-ДПМНЕ. Првичните трендови покажуваат дека СДСМ ќе победи во многу општини. Веќе се сумираат резултатите, ќе имаме нов прес откако ќе добиеме некакви прелиминарни резултати – изјави Николовски.

Денеска македонската демократија имаше мирен, достоинствен и европски изборен ден, додаде тој.

– СДСМ им благодари и им честита на сите граѓани кои денеска учествуваа на овие избори. Им честитаме и на институциите кои спроведоа фер и демократски избори, како што и доликува на една модерна демократска држава членка на НАТО и аспирант за членство во Европската Унија. Позитивната атмосфера која течеше во текот на целата кампања денеска беше заокружена и со изборниот ден. По помалите отстапувања, институциите веднаш постапуваа. Во нашиот компјутерски аналитички центар веќе почнува обработката на првичните податоци кои ги добиваме од општинските изборни штабови. Првичните трендови укажуваат дека СДСМ и коалицијата ќе забележат уште една сигурна победа, рече Николовски.

Од извори во партијата дознаваме дека кандидатот на СДСМ во Валандово, Перо Костадинов, победил во прв круг. Според првичните резултати на ДИК, Костадинов води со 71,43 отсто од гласовите, наспроти 28,57 отсто на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Узунов.

СДСМ очекува победа и во Дојран, Крива Паланка, Лозово, Бутел, Ресен, Струмица и Крушево.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот