ВИДЕО | Николај Милков: Софија со писмен документ ќе ги дефинира задачите кон Македонија

ФОТО-BTA : Вршител на должноста министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков

Непосредна задача на бугарското Министерство за надворешни работи во однос на билатералниот дијалог со Република Северна Македонија ќе биде усвојување на писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски, изјави шефот на бугарската дипломатија во привремената влада Николај Милков, пренесе БГНЕС.

„Во нашите односи со Северна Македонија, ние сме во фаза кога, пред се, мора да обезбедиме координација на различни институции, за ова треба да донесеме можеби ќе биде писмен документ кој ќе ги дефинира задачите на различни институции, организации во однос на тоа што треба да се направи во иднина во нашите односи со Северна Македонија, за да се постигне систематски пристап, јасно да се напишат задачите и одговорностите, за да може да се очекуваат и резултати. Се надевам дека ќе има процедура за консолидација и во РСМ за тоа што можеме да направиме во позитивна смисла, бидејќи за жал и да имаме одреден консензус за Северна Македонија, консензусот не е многу јасно видлив таму“- рече Милков.

Тој додаде дека таму една партија е отворена за дијалог и друга е против и според него многу полесно ќе биде ако се има државата за партнер, а не партиите.

Во однос на присуството на генералниот конзул на Бугарија, Димитар Иванов во просториите на Центарот „Иван Михајлов“ во Битола за време на увидот на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација минатата недела, Милков оцени дека тоа „не претставува проблем“ и дека тој не ги попречувал активностите на Комисијата со тоа што бил присусен за време на увидот.

„Бугарското МНР не смета дека е проблем присуството на нашиот генерален конзул Димитар Иванов во зградата на Центарот ‘Иван Михаилов’ во Битола. Тој не се обиде да се меша во работата на комисијата и ако е навистина независна, нема шанси да влијае. Нејзината работа треба да биде транспарентна и во оваа смисла да се смета дека на такво место може да биде присутен и бугарскиот генерален конзул, па затоа не гледаме негативно на неговото присуство таму – одговори Милков на новинарско прашање.

Милков нагласи дека неговата заменичка Велислава Петрова, која беше заменик и на неговата претходничка Теодора Генчовска, ќе продолжи да биде одговорна за билатералниот дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија, истакнувајќи дека таа направила многу за односите на Софија со Скопје, како и за аплицирањето за членство на Бугарија во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Милков и оддаде признание и на претходната бугарска Влада во врска со напредокот на односите со земјава, нагласувајќи дека таа постигнала многу, а можела да го остави ова прашања на страна, во услови кога беше близу до губење на мнозинството во Народното собрание на Бугарија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот