ВИДЕО | Никогаш видено во фудбалот: Играч на Атлетико запиша гол додека беше на клупата за резерви

Атлетико Мадрид уште еднаш ги разочара своите навивачи откако на „Ванда Метрополитано“ ремизираше против Хетафе (1:1) и остана само на четвртото место на табелата во шпанската „Ла Лига“.
Натпреварот го одбележа еден од најбизарните голови сезонава. Немаше ништо необично во тоа што Анхел Кореја силно ја удри топката и го совлада Сориа, но тоа што следуваше во следните три минути уште еднаш ја покажа бесмисленоста на „одложената радост“ поради ВАР технологијата.
Следуваше ВАР снимката, а во меѓувреме тренерот на „јорганџиите“, Диего Симеоне се одлучи за замена, токму Кореја го напушти теренот, а на негово место влезе Караско.
Главниот судија Матеу Лахоз кој напрвин досуди офсајд, но потоа со помошта на ВАР технологијата ја смени одлуката, покажа на центарот за голема радост кај играчите на Атлетико кој веднаш тргнаа да го слават Кореја кој веќе беше на клупата за резерви.
Атлетико не успеа да ја задржи минималната предност, гостите дојдоа до бод благодарение на Унал кој беше прецизен од пенал. Во останатите мечеви одиграни в сабота: Еспањол – Осасуна 1:1, Елче – Виљареал 3:1 и Бетис – Селта Виго 3:4.