ВИДЕО I Ненад Рашиќ: Дозволете ми јас да бидам вашата цел, не треба да страдаат ничии деца
Бруталниот напад на 18 годишниот Никола, син на српскиот политичар од Косово при што момчето здоби тешки телесни повреди предизвика вистинска бура на политичката сцена во регионот, реагираа дури и странските амбасадори. Ставовите се поделени меѓу нарачано тепање од Белград или договорена тепачка меѓу средношколци
Косовската полиција сè уште го расветлува случајот по вчерашниот масовен напад врз синот на српскиот политичар од централно Косово, Ненад Рашиќ, при што средношколецот се здоби со тешки телесни потреби. Синоќа уапси осум лица под сомнение дека го претепале Никола Рашиќ.
По бројните реакции од јавноста и политичката сцена, а и реакцијата на неколку амбасадори во Косово за бруталниот момент кога околу 50 лица го нападнаа момчето во дворот на средното училиште во Лапје Село, Рашиќ денес одржа прес-конференција на која нагласи дека по нападот на неговото дете немал намера да го открие случајот и да ѝ се обрати на јавноста, но „благодарение на медиумите, настанот стана голема вест“.
Рашиќ рече и дека не сака да го прејудицира исходот од истрагата дека сака случајот да се реши што е можно побрзо, но исто така изрази сомневање дека случајот има политичка позадина. Тој побара истрагата да биде објективна и додаде дека секој што е виновен треба да одговара.
„Мојот син беше нападнат со метален боксирач и тој беше повреден. Неговата горна усна е искината, непцето и три заби му се искршени и имаше големо крвавење во клиниката во Грачаница, а после тоа го возев во Приштина и Косово Поле заради рехабилитација и проблемите со забите“, рече Рашиќ.
Рашиќ нагласи дека потоа отишол во полициската станица каде дал изјава, но и дека покрај него имало и неколку сведоци кои ги потврдиле овие наводи, а обвинителот ги класифицираше телесните повреди како тешки. Тој рече дека повредите што ги претрпе вчера неговиот осумнаесетгодишен син не би посакал да го доживее ниту најголем непријател.
Реакции за нападот имаше и од официјални претставници во Приштина и од Белград. Во изјавите, заедничка е осудата на насилството, но тие не се согласуваат за заднината на причината за нападот.
Ненад Рашиќ и политичарите од Приштина прстот го вперуваат во Белград и членовите на Српска листа, партијата блиска до претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Вршителкта на должноста претседател на Косово Вјоса Османи, рече дека тепањето на Никола Рашиќ е дело против демократијата и индивидуалната слобода.
„Ги повикувам органите за спроведување на законот што побрзо да ги изведат сторителите пред лицето на правдата. Веќе е јасно дека нападот врз него е продолжение на бројни закани и незаконски интервенции на Србија во Косово, чија цел е заплашување на српските граѓани“, потенцира Османи во својата реакција.
По инцидентот реагираше дури и игуменот на манастирот Високи Дечани.
„Овие луѓе не се Срби, туку нелуѓе“, рече игуменот на манастирот Високи Дечани, Сава Јањиќ. Тој нагласи дека треба да се постави прашање: „Кој манипулира со млади луѓе, кој ги тепа неистомислениците, треба ли некој Оливер повторно биде ликвидиран?“
“Кога еднаш ќе се соочиме со сопствените демони, а не само да ги обвинуваме другите?! Крајно време е за тоа. Кога злобниците ќе престанат лицемерно да се повикуваат на српство и религија со кои немаат ништо заедничко?!“, Додаде тој.
Во своето соопштение, движењето Ослобоѓење вели дека „криминалците од Српската листа повторно малтретираат“.
„Ова е веќе добро позната шема што ја видовме во убиството на Оливер Ивановиќ, дека по честите медиумски напади на СНС и Српската листа ескалира насилството врз целните лица“, рече претседателот на ова движење, Млаѓан Ѓорѓевиќ.
Првата сопруга на Оливер Ивановиќ: Тие го прикриваат случајот, и тие знаат сè (ВИДЕО)
Британскиот и италијанскиот амбасадор во Косово нападот го нарекоа напад врз демократијата побараа брза истрага и го споделија осудите против „политички мотивираната агресија против синот на лидерот на Прогресивната демократска партија“.
Од другата страна, Канцеларијата за Косово и Метохија се огласи дека нападот на синот на Рашиќ не бил планиран и станува збор за претходно договорена тепачка.
„Тие се обидуваат да ја криминализираат Српската листа со лажни обвинувања, сето тоа заради убедливата поддршка на народот и успехот на изборите, за што не им е простено“, се огласи и Горан Ракиќ, претставник на Српска листа.